Црква "Св. Никола Болнички"

 
 Охрид освен со природните убавини, богат  е и со културно наследство, споменици и голем број цркви. Една од поинтересните храмови е “Свети Никола Болнички”, кој се наоѓа во стариот дел на Охрид, помеѓу охридското пристаниште и куќата на Робевци, веднаш наспроти црквата “Света Богородица Болничка”. Името болнички, средновековните цркви “Св. Никола” и “Св. Богородица” го добиле, бидејќи служеле како медицински пунктови - стационари, каде што се вршела здравствена контрола на дојдените патници кои во средовековниот Охрид влегувале преку Долна порта. Оваа црква е интересна поради архитектурата и фреските. Во нејзиниот двор се наоѓаат остатоци од градските ѕидини, кои од Самуиловата крепост се спуштале до Охридското Езеро. Црквата е еднокорабна со засводен полукружен свод. На нејзината западна страна се наоѓа камбанарија - преслица единствена во Македонија, изградена под влијание на приморската архитектура. За прв пат се споменува во еден документ за имотот на црквата "Света Богородица Перивлепта". Во XV век на јужната страна од црквата дограден е параклис, од кој денес е сочуван апсидалниот дел со претставата "Причестувањето на апостолите". Во дворот на оваа црква се наоѓаат остатоците од градските ѕидини, кои од Самоиловата тврдина се спуштале до самото езеро.