Ќе биде ли селективно уривањето на охридските плажи?

 На 15-ти овој месец започна отстранување на нелегалните објекти на плажите во Охрид, со што треба да се  воведе  ред на крајбрежјето согласно препораките на УНЕСКО.

Акцијата се извршува под строг полициски надзор.

Станува збор за отстранување урбана опрема и градби кои се надвор од опфатот на Генералниот урбанистички план. Акцијата долж езерото започна од населбата Свети Стефан.



 „Во оваа фаза од акцијата се отстранува урбаната опрема и остатоците од објекти кои се лоцирани на крајбрежјето на Охридското Езеро, на потегот од „Горица 3“ до ЈЗУ Специјализирана болница за  кардиоваскуларни заболувања во населбата „Свети Стефан“.Се работи за урбана опрема и градби кои се надвор од опфатот на Генералниот урбанистички план. По завршувањето на активностите за отстранување на овој потег од крајбрежјето, ќе се пристапи кон отстранување и на останатите објекти, потпорни ѕидови, шанкови, метални конструкции и настрешници, кои исто така се надвор од опфатот на Генералниот урбанистички план и навлегуваат во КП 1/1 Охридско Езеро.“ – појаснуваат од локалната самоуправа.

Сопствениците на плажите револтирани од одлуката за спроведување на оваа акција на самиот праг на летната сезона. Меѓу другото, засегнатите се сомневаат дека акцијата нема да биде реализирана до крај и локалната ќе работи по принципот селективна правда. Причина за ваквите сомневања секако дека е неспроведувањето на одлуката за рушење на дивоградбите во централното градско подрачје кое требаше да започне и да биде во процес на реализација уште минатата година, кога градоначалникот се повлече од спроведување на истата.

 Дел од концесионерите кои плажите ги изградиле  согласно плановите за уредување издадени од државата, поведоа иницијатива пред Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста на владината уредба со сила на закон во време на вонредна состојба.