Охридското Езеро - најстаро, најубаво

Охрид со Езерото создаваат една величествена убавина која е вредна за посетување и негување. За оние кои можеби не знаат, Охридското езеро како најстаро во Европа, се проценува дека  е старо  меѓу 3 и 10 милиони години, а на неговото дно се наоѓаат остатоци од вулканска маса од вулкани во Италија кои биле активни пред 50 000 години. Езерото во минатото било пониско за 50 метри од сегашното. Водата, главно, ја добива од површински и подводни извори, кои во најголем дел се лоцирани во подножјето на планината Галичица. Дотекуваат низ подземни канали од Преспанското Езеро, кое е за 158 метри  повисоко од Охридското.  Во Охридското Езеро, поради географската изолираност и поволните хидрографски услови, зачувани се и живеат околу 146 видови ендемични организми. Историска убавина која трае и не треба да дозволиме да ја изгуби својата вредност. Секој што барем еднаш дошол во Охрид, посакал повторно да дојде и да ужива во природните убости што го красат Езерото и охридскиот крај воопшто.