Денес православните верници празнуваат два празника – Св. Константин и Елена и Денот посветен на Сите Светци – Сисвети

Празник на Сите Светии – Сисвети - неделата по Духовден
 
 Овој празник се празнува во неделата по Духовден и меѓу народот повеќе е познат како Сисвети. Празникот се однесува на сите Светци. Црквата го востановила за заедничко сеќавање и празнување на сите Светии.
 Се празнува за да им се оддаде почит на оние светци чии имиња не се познати како поради нивната бројност така и поради тоа што нивниот култ во одредени краишта не заживеал. Споменот на овие светци се празнува заедно со споменот и на оние светци што имаат и посебни празници, за да се покаже дека сите верувале во еден Исус Христос и за него страдале. Се совпаѓа со Петрови поклади, бидејќи една недела по Духовден започнуваат Петровденските пости. На манастирот посветен на овој празник во Охридското село Лешани на овој ден се прави голем собир на кој се собираат луѓе не само од Дебрца туку и од цела западна Македонија.
На овој празник именден празнуваат некои што немаат именден во календарот.

Сите Светители (позната како Сите Светци или попозната локално како Си Свети) — главна манастирска црква на Лешанскиот манастир, сместен во охридското село Лешани. Всушност се работи за две истоимени цркви подигнати во различно време посветени на Сите Светци.
Старата манастирска црква била изградена во 1452 година на темели на постара црква од IX век, додека новата поголема црква веднаш до нејзе е подигната во 1911 година на темели на црква XII век.

Св. Константин и Елена
 
 Во времето кога во Рим царуваше Диоклецијан управник на западните римски области беше христољубивиот Констанциј Флор, кој во бракот со света Елена го доби синот Константин. Последниов во историјата толку се прослави, што го доби името Велики. За христијаните, пак, тој е првиот благочестив цар. Во 313 година, тој го издаде познатиот Милански едикт, со што се прекина тривековниот прогон на христијаните во Римската империја. Со него почнува една нова, христијанска ера во Римската државна историја, а тоа Константин го одбележи со пренесувањето на престолнината од древ¬ниот многубожечки Рим, во новиот град Константинопол. Свети Константин го свика и Првиот вселенски собор во 325 година, на кој црквата ја осуди ереста на Ариј. Изгради многу величествени цркви, посебно во Ерусалим. Пред смртта се крсти, а по смртта црквата го приброи овој цар меѓу своите светила, заедно со неговата мајка Елена.