Акцијашите од „Брег на младоста“ ќе бидат дел од акциите во пресрет на стартот на сезоната

  Во ОУ „Кочо Рацин“ во Охрид, членовите на акцијашкиот клуб „Брег на младоста“ денес ги започнаа подготовките за учество на бројните манифестации со кои ќе се означи официјалниот старт на туристичката сезона во Охрид.
 
Тие ќе бидат дел од трката „Охрид ТрчаТ“, од ЕКО Акцијата „Мој Охрид, чист Охрид“ и од „Белата ноќ“ со која и официјално ќе започне туристичката сезона оваа година.
 
Педесетина ученици од седмо и осмо одделение започнаа со изработка на ЕКО паноата, преку кои ќе испратат пораки во пресрет на големата акција за чистење на градот „Мој Охрид,чист Охрид“.
 
Повеќе од 30 години активно учествуваме во креирањето на поубав и почист Охрид, тоа ќе го направиме и сега, истакна Зоран Стевоски од „Брег на младоста“.
 
- Сакаме гостите да се чувствуваат убаво за време на престојот во градот заштитен од УНЕСКО. Затоа ќе ја поддржиме оваа убава акција со сите наши 300 членови. Меѓу нив имаме ученици од сите охридски основни училишта, како и од школите во Велгошти, Пештани и Лескоец, рече Стевоски.
 
На најмладите им беа презентирани и детали од акцијата „Мој Охрид, чист Охрид“, која ќе се одржи на 9-ти јуни во организација на Супер радио.
 
- На овој убав настан и подготовки за предвидените активности на клубот „Брег на младоста“, сакам да ја поздравам вашата идеја и фактот што сте собрани од сите Основни училишта од Охрид. Вака заедно, насмеани и во уште поголем број ве очекуваме во сабота на 9-ти јуни, кога на потегот од Воска, па се до Пештани и Десарет ќе се чисти крајбрежјето на езерото од ѓубре. Да го исчистиме Охрид сите заедно, а она што е особено важно е токму вие најмладите да бидете носители на акцијата, истакна Сашо Митаноски во име на организаторите на големата ЕКО Акција „Мој Охрид, чист Охрид“.
 
Инаку, покрај учеството во активностите кои се предвидени за официјален старт на туристичката сезона во Охрид, акцијашите од „Брег на младоста“ ќе се вклучат уште на неколку манифестации.
 
- Планираме на 15-ти и 17-ти наша делегација да присуствува на одбележувањето на 75 години од Битката на Сутјеска и 30 години од учеството на Младинската бригада од Охрид на таа акција, каде е освоено највисокото државно признание. Тоа ќе биде една убава можност да се потсетиме на тие простори, на нашите пријатели. Исто така план ни е од 22-ри до 29-ти јули со младинска бригада да учествуваме на акцијата „Скопје 2018“ со која ќе се одбележат 55 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје, а учество ќе земат над 300 млади акцијаши од сите поранешни југословенски републики, вели Стевоски.
 
Охрид, мај 2018 година
Акцијашки клуб „Брег на младоста“ - Охрид