Заливот на коските –Охридска подводна убавина



  Заливот на Коските се наоѓа покрај јужното крајбрежје на полуостровот Градиште, близу рибарската и туристичка населба Пештани. Како дел од оваа прекрасна подводна археологија е локалитетот Плоча Миќов Град. На овој локалитет е откриена праисториска наколна населба со временска припадност на доцното бронзено и раното железно време. Повеќегодишните подводни археолошки истражувања токму на овој локалитет ни овозможиле богат фонт на сознанија за животот на праисториските луѓе на овие простори.Со оглед на тоа што дното на езерото е густо покриено со остатоци од материјалната култура на жителите од населбата може значително да се изведат интересни заклучоци, бидејќи многубројните остатоци и фрагменти од дрвени греди со различни дијаметри, ни говорат со сигурност дека населбата на расположливиот простор било монолитна, односно била изградена на единствена дрвена платформа која се доградувала според потребите од изградба на нови куќи. Првичниот впечаток при посета на овој локалитет е зачудувачки поради дрвените колци кои се приковани на дното од езерото и специфичната градба на колибите. Но сето ова се образложува бидејќи големиотвременски период од три милениуми придонел нивото на водата да биде три метри пониско од сегашното ниво, а и со самиот факт дека набиените колци со поголем дијаметар во дното на езерото завршуваат со корења, се согледува дека населбата била на мочурлив терен близу до самиот брег. Интересен е начинот на изградба на овие колиби кои се поставувале на издигната платформа изградена над дрвени колци. Потребата од ваков тип на колиби било најчесто за заштита од брановите и копнените животни.Специфичен е начинот на премачкување на ѕидините со помешана кал и дробена слама, додека покривите биле градени од дрвја и гранки покриени со слама или трска со која обилувало езерото. При прошетка во внатрешниот простор на овие колиби интересени се поголемите керамички садови поставени покрај влезот на куќата, во близина на огништата кои пак биле најчесто поставувани во средишниот дел на колибата. Затоа вреди да се посети оваа подводна археологија која ни нуди убав реален приказ за жителите од праисториските општества, а воедно и да не запознае со нивниот начин на живот кој вреди да се спознае и да се зачува за идните генерации.
 
Автор: Анета Стојановска
Извор: www.igeografija.mk