Куќата на Робевци - значаен споменик на културата

  Една од знаменитостите кои вреди да се посетат додека сте на  одмор во Охрид, е Куќата на Робевци. Како еден од најрепрезентативните објекти на градската култура во Македонија, својот највисок развој го достигнува во текот на 19 век. Денес е заштитен споменик на културата под грижа на Заводот за заштита на спомениците на културата и  Народен музеј во Охрид, и во неа денес е сместен Археолошкиот музеј, етнолошката поставка, фонд на предмети од семејството Робевци и дела на охридската резбарска школа. Куќата на двајцата браќа Робевци ја изградил Тодор Петков од селото Гари, Дебарско, во 1825 година, по што била опожарена и повторно изградена следната година.
  Куќата е заштитен споменик на културата, а во нејзиниот долен дел  се наоѓаат изложени епиграфски споменици од Охрид и околината, како и вредните експонати: Миљоказ, двете торза на божицата Изида и други. Археолошките експонати од праисторијата до средновековниот период се изложени на вториот и третиот кат. Во најгорниот кат од куќата, т.н. ширван, се презентирани примероци од предмети изработени во охридска резба, дела на познати мајстори од градот и околината. Во источниот дел од катот има етнолошка поставка на предмети од покуќнината на семејството Робевци, кое тука живеело се  до 1900-та година, кога се преселиле во Битола, а во Охрид доаѓале само во летните месеци.