Изложба на слики од Мајкл Клос во охридската Библиотека

Утре, во 12 часот во  „Прличевата одаја“ на НУ Библиотека „Григор Прличев“ ќе биде отворена самостојната изложба на канадскиот уметник со македонски корени Мајкл Клос под наслов: „Сликарството на патот на хуманоста“.

Клос е роден во Торонто. Дипломирал на Ontario College of Art една од најстарите институции за сликарство во Канада, Ryerson Polytechnick Institute , University of Guelph.  Досега има реализирано околу 130 самостојни изложби во многу интернационални и национални галерии низ светот.  Доволно е да се издвојат само изложбите во некои земји: Романија, Соломонските острови , Виетнам, Словенија, Хрватска, Турција, Египет, Франција, Германија, Русија, Казахстан. Голем дел од изложбите  се дел од проектот "Сликарството на патот на хуманоста" кој  Мајкл континуирано го реализира со неговата сопруга Менка, историчар на уметност и кустос.



Над 40 години Клос претежно во Канада работи на филм, ТВ и во театар како  сценограф и уметнички директор, а понекогаш и како актер.

На македонската турнеја ова лето Клос своите уметнички дела  ги претстави во Свети Николе,  а по  Охрид  ќе има изложба и во Куманово. 

Изложбата  се очекува да ја отвори и за творештвото на Клос да говори познатиот охридски уметник и филмски критичар Ѓоко Симјаноски.

Публиката десеттина платна на канадскиот уметник Клос изложени во Библиотеката ќе може да ги види и во четврток и петок во терминот од 9 до 15 часот.