Охрид се приклучи на хуманитарно-еколошката акција "Секое капаче е вредно"

Платформата „Активирај Се Навреме“ со поддршка на Општина Охрид започна со реализација на хуманитарно-еколошкиот проект „Секое капаче е вредно“, преку кој се поставени две специјални конструкции за собирање пластични капачиња во Охрид.

Конструкциите се поставени на плоштадот кај музичкото училиште и на градскиот плоштад во Охрид, на почетокот на чаршијата. Главна цел на проектот е поттикнување на граѓаните да собираат што е можно повеќе пластични капачиња. Собраните капачиња ќе бидат преземени за рециклирање преку што директно ќе се помогне во делот на зачувување на животната средина.

Проектот има хуманитарен карактер, а средствата кои ќе бидат собрани од откупот на рециклираните капачиња во Охрид ќе се донираат за опремување на новиот Дневниот центар за децата со церебрална парализа, чие отварање е поддржано од Општина Охрид.

Како дел од проектот, специјални конструкции за собирање на капачиња се поставени и во Скопје, Тетово и Битола.

Платформата „Активирај Се Навреме“ https://aktivirajsenavreme.mk/   е основана од компанијата Credissimo и е насочена кон остварување на општествено одговорни кампањи од социјален, хуманитарен и еколошки карактер.

 

 

Извор: www.ohrid.gov.mk