Седмо издание на "Вдиши театар"

Тесен беше просторот во предворјето на црквата Св.Софија да ги собере сите оние кои вчера дојдоа да „ВДИШАТ ТЕАТАР“ и бидат дел од отворањето на Аматерскиот театарски фестивал „ВДИШИ ТЕАТАР“ кој во организација на Црвен крст Охрид по седми пат, како предвесник на охридското културно лето, се реализира од 22-24 јуни во Охрид.



 Спектакуларен беше  и настапот на театарската група на Црвен крст Охрид која изведе музичко-поетски перформанс „ТРЕБА ДА БИДЕМЕ ПОДОБРИ“  во режија на Емилија Блажеска, Весна Терзиоска и Јованка Сион Доленц.  Нашите млади и талентирани актери, преку стиховите на повеќе македонски поети: Ацо Шопов, Блаже Конески, Славко Јаневски, Анте Поповски, Гого Ивановски, Гане Тодоровски и Ива Дамјановски, на креативен начин ја претставија борбата на човекот со различни искушенија, тешкиот пат на човекот низ очајот и рамнодушноста, подемите и падови на човечката борба да излезе од лавиринтот на безнадежноста, но и надежта за подобро утре и подобри ние.



 Втората вечер од театарскиот фестивал  „ВДИШИ ТЕАТАР“, е резервиран за проекција на филмот „НА ПРАВ ПАТ“ во продукција на Црвен крст Ужице, која е закажана за денес во 18 ч., во Центарт за култура „Григор Прличев“, а во 21 ч., на сцената во предворјето на црквата Св. Софија свој настап ќе има театарската група на Црвен крст Битола со претставата „УМРИ МАШКИ“.

Влезот за сите претстави е слободен.