Од кујната на Виолета - посен десерт со вишни

Денес со вас споделуваме уште еден неодолив десерт од кујната на нашата Виолета.

Посен десерт со вишни, едноставен за подготовка и за слатко уживање.

За тесто потребно е:

280 мл вода
300 гр брашно
150 гр шеќер
150 мл масло
3 лажици мармалад
1 лажица какао
1 мало лажиче сода бикарбона
1 прашок за печиво

За прелив од вишни:

300 гр вишни
3 лажици шеќер

Фил:

500 мл млеко од соја со вкус од ванила
5 лажици шеќер
2 пудинзи од ванила
125 гр маргарин

Состојките за тесто се мешаат убаво со жица за матење и се тура во убаво подмачкан плех со димензии 20х30 и се пече на 200°С 20 минути. Откако се испече се префрла на друг рамен сад за торти и му се тура сварениот прелив од вишни.

Преливот се вари кратко само да се растопи шеќерот. Филот се подготвува на класичен начин, се вари пудингот со млекото и шеќерот, да олади убаво и со миксер заедно со маргаринот се мати додека се добие убава кремаста структура.

Десертот се декорира по желба.