Вериги од книжевни настани периодов, повод за разговор со Јордан Коцевски

 На 6 ноември во Охрид се одржа промоцијата на романот "Тегли" од Јордан Коцевски, во издание на ПНВ Публикации. Промотор беше Мерсиха Исмајлоска, а разговорот го модерираше Јулијана Величковска. 
 
Денес, 19 ноември, излегува третиот број на "е(Лит)", специјално издание "Вериги", чиј главен и одговорен уредник е Коцевски. 

Овие книжевни настани беа повод да поразговараме со Јордан Коцевски за настанувањето на неговиот роман "Тегли", кој веќе е во продажба, за "Вериги", но и за плановите за иднина. Со Коцевски разговараше  Марина Димовска. 




Кога и како се роди идејата една приказна да биде сместена во тегли?


Минатата година во октомври, добив сугестија од издавачкиот тим на ПНВ Публикации дека е подобро да се издаде роман отколку збирка од три проширени раскази. Претходно веќе размислував за поврзаноста на расказите „Стаклена безбедност“ и „Пријателско соседство“, така што ваквата сугестија ме мотивираше да го отфрлам третиот расказ и овие два да ги претворам во роман.

Докторираше на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид. Зошто не се определи за книжевност?

Одлуката да студирам туризам беше директно поврзана со потребата да се пишува. Сметав дека туризмот има поголема економска издржаност како професија од пишувањето и дека е сезонска работа која ќе ми овозможи доволно време за негување на моето „хоби“. Како што одминуваше времето кај мене порасна потребата ова хоби да ми биде професија.

На промоцијата на „Тегли“ кажа дека пишувањето вака сериозна приказна со главен лик негативец не само што е предизвик за тебе, туку претставува задоволство и забава. Што те влече кај ваквите теми и ликови?

Темите обично ми се наметнуваат преку самите ликови. Градењето на комплексни ликови со цела историја која јас ја знам и одлуката кога, што и колку да се открие ми се забавни, во иста мера колку што ме измачуваат. Уживам додека размислувам за тоа што би рекле во одредена ситуација, како би постапиле, што би направиле... и најважното од сè е поставувањето на истите прашања откако ликовите ќе доживеат одреден настан кој остава трага, како што е преживувањето на колекционерите во „Тегли“. Колку е покомплексна задачата и непозната територијата во која се впуштам, толку повеќе се забавувам додека пишувам.

Кој е Златко во „Тегли“? Колку во главниот лик се гледаш себеси?

Златко е антихерој кој првично ќе го засакате поради неговата искреност и хумор и тоа што се обраќа директно на читателите, а откако ќе го запознаете подобро и поради неговата длабочина. Тој е лик кој самиот се наметна и се градеше додека пишував. Единствено нешто што е мое во него и прв пат се појави во моето пишување е неговата смисла за хумор, посебно црниот.

Многу сериозни теми, пренесени со хумор и леснотија. Како?

Искрено, не знам како ми успеа. Мислам дека протагонистот Златко е крив за тоа. Неговиот хумор ме повлече да пливам со него во сериозноста на ситуациите. Затоа како сидро ја имав Розе.

Што ги поврзува Златко и Розе?

Кога започнав да пишувам тоа беше ситуацијата во која ги ставив: и двајцата налетуваат на колекционери на човечки делови. Подоцна, како што ја градев приказната сфатив дека е многу повеќе од тоа и дека е неминовно да се сретнат. Токму при нивната средба се открива многу повеќе за нивната поврзаност, што ќе оставам читателите сами да дознаат.

Романот веќе е достапен до читателите. Какви се реакциите и колку досегашните видувања одговорија на твоите очекувања?

Очекував романот да ги изненади читателите со начинот и стилот на кој е пишуван, а по реакциите и коментарите кои ги добивам очигледно сум успеал во тоа. Исто така се препознава слоевитоста на приказната и тоа што е најважно за мене симболиката и значењето на теглите.

На крајот од месецот „Тегли“ ќе биде дебатиран од страна на Клубот на читатели на фб групата „Размена на книги и книжевни муабети“ и со нетрпение чекам да ги слушнам коментарите на неговите членови и начинот на кој тие го доживеале романот.

Кој треба да го прочита овој роман?

Секој кој се опушта со читање книги.



Нешто повеќе за Креативна верига. Денес излегува третиот број на „(е)Лит“, специјално издание „Вериги“. Кој сè може да биде застапен во ова културно електронско списание?

„Креативна верига“ е Здружение за поттикнување на развојот на книжевноста и другите уметности, чиј претседател сум јас. Основано е од група прекрасни активисти на книжевното поле од Охрид, со цел да придонесеме кон збогатување на квалитетот на литературното поле.

Доказ за тоа е електронското списанието „(е)Лит“, од кое веќе излегоа два броја. Списанието функционира по пат на покана за објавување од уредниците до веќе реномирани автори, како и автори од нашето здружение.

За разлика од „(е)Лит“, „Вериги“, како специјален број, даде можност на помалку познати автори да се претстават со свои дела. Имавме конкурс на темата „Клучот“, а со избор од пристигнатите дела го создадовме „Вериги“. Одлучивме во иднина, повикот за овој специјален број да биде од отворен карактер со испраќање на дела на kreativnaveriga@yahoo.com сè до јули наредната година.



Ќе продолжиш со складирање нови тегли или читателите може да очекуваат освежување со друга тема? Имаш ли конкретни планови?

Иако дел од луѓето кои го прочитаа „Тегли“ ме прашуваат дали ќе има продолжение, за жал морам да им кажам дека моментално капакот на оваа тегла е поставен и завртен. Не велам дека нема да го отворам некогаш, Златко е лик за кој сакам повторно да пишувам, а Саше беше помалку обработен и мислам дека и тој крие цел роман, но не планирам наскоро. Што значи дека читателите може да очекуваат нова тема од мене во иднина, а и поинаков пристап кон жанрот.

Тоа што е планирано за наредната година е трилер (хм, можеби повеќе е психолошки хорор од трилер) романот „Заследи ме“, каде во фокусот ќе биде Инстаграм и животот на една инфлуенсерка. Се разбира, тие што ја прочитаа „Тегли“ можат да претпостават дека тоа нема да е толку едноставно обработено како што звучи. Овој роман веќе ја има својата работна верзија и започнав со негова ревизија.

На долг рок, решителен сум да пишувам барем по еден роман во годината. Со тоа што ќе се навратам на нешто започнато пред години и нешто што е веќе напишано во 2019, а и двете спаѓаат во жанрот на мистерија со надприродни елементи.