Промоција на романот "Тегли" од Јордан Коцевски

Вечерва, 20 октомври, со почеток во 20:00 часот, во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар – Скопје ќе се одржи промоцијата на романот „Тегли“од Јордан Коцевски, во издание на ПНВ Публикации.

Промотор ќе биде Мерсиха Исмајлоска, а разговорот ќе го модерира Јулијана Величковска.
Тегли на Коцевски е освежување во домашната книжевна продукција, прво затоа што се работи за редок суб-жанр кај нас ‒ трилер и хорор, а потем и самата  интригантна приказна што се развива по принципите слични на стрипот. Забележливо е и влијанието на големиот мајстор на хоророт Стивен Кинг, а би било одлично и доколку ова дело добие и филмска адаптација.“ ‒ Мерсиха Исмајлоска
 
„Ова е книга за отфрлените, за одметнатите, за гнилежот на системот, за криминалот во сите негови нијанси, сѐ до најсвирепите ужаси на кои е способен човекот, за корумпираноста на институциите, за жртвите на семејното насилство, за луѓето што ја преземаат правдата во свои раце, за пријателството и за љубовта. За сѐ она што треба или не треба да се чува складирано во тегли, и сето тоа раскажано со леснотија и низ многу хумор.“ ‒ Јулијана Величковска


 
Јордан Коцевски (1983, Охрид) докторирал на Факултетот за туризам и   угостителство – Охрид. Ра­боти како туристички водич, додека се обидува да го остави својот печат и како писател.

Автор е на збирката раскази „Време за живеење“ (2001), стрип антологија во коавторство со Дарко Богданов „Мрак Хумор Тишина“ (2014), а со истиот илустратор ја издаде и првата графичка новела „Витези од соседството“ (2016).

Добитник е на две награди за стрипот „Our Eden“, додека него­вата книга „Прозорецот“ беше наградена и објавена во електрон­ска форма од страна на „Фондација Македоника“ во 2016 г.
Неговите кратки стрипови, како сценарист, се објавени во по­веќе списанија за стрип во земјата и во странство. Автор е и на триесетина научни и стручни трудови од областа на туризмот и угостителството.
Тој е главен и одговорен уредник на „(е)Лит“, електронско спи­сание за книжевност и друга уметност.
 
Изданието е поддржано од Министерството за култура.
 
Настанот ќе биде организиран согласно протоколите и препораките за заштита од ковид.