Неколку песни од Надија Реброња (Србија) ‒ учесничка на 33. Поетска ноќ во Велестово

патриција, фламенко-танчерката
 
 
танцувам
со чевлите ја освојувам земјата
на тоа место
градам утопија
 
мојот простор на кој танцувам
му припаѓа на сиот свет
никогаш
не престанува да постои
тука наоѓам актери и кукли
четиристрани
театри
брод и градина во него
сите страници на исчезнатите книги
прашина од музејот
камења и песок
сите отворени врати
 
танцувам
звукот ги брише
рабовите на планината



 
фредерик, уметник-фотограф, на гранада
 
 
постојат пејзажи
совршени за злосторство
таму каде што градот те прегрнува
те стегнува меѓу дланките на гигантските зданија
те пушта да истечеш во облините на улиците
каде што фонтаните ти го мијат сеќавањето на сопственото име
 
таму злосторникот ти дозволува
да оживееш само на плоштадите
на плочниците
и во насмеаните девојки на нив

 

битрис, поетесата од хипи-кланот на перофлаути
         

 
 
моите татковци се
широките прерии
персиските шари
андалузиските села
фонтани и плоштади
 
моето минато се
возовите на толстој
сестрите на шекспир
визбите на борхес
 
нека им ги излеат во бронза
лицата на некои други
повеќе ги сакам лисјата
од историите


 
свирачи во метро
 
 
ние сме белиот простор
врамен со бројот нула
кругот е хоризонт
кругот е јамка
околу вратот



 
aлонсо и aлдонсa
 
 
го убивме авторот
сега рицарски се задушуваме
во неговата крв

 


ролан и џудит, пијани
 
 
писателот е мртов.
да живее писателката!



 
сониа, на карим, пријателот
 
 
кога ќе зачекорам кон тебе
од мојот арапски кварт
кон катедралата
преминувам
само една улица
портата елвира
под неа
циган што се вика фаусто
ми пее фламенко
и слушам сè
за мирот бесот и сиромаштијата



 
Надија Реброња (Нови Пазар, Србија, 1982) е поетеса, есеист и книжевен критичар. Докторирала книжевност на Филозофскиот факултет во Нови Сад. Предава литература на Државниот универзитет во Нови Пазар. Поезијата ѝ е преведена на неколку светски јазици (англиски, шпански, италијански, француски, германски, полски, турски, персиски, арапски, македонски, албански и словенечки). Според стиховите од нејзината книга Танц по морињата во италијански превод, 2016 година, направени се осум композиции на Конзерваториумот Николо Пицини во Бари и беа претставени на неколку концерти во Италија, во Данска и во САД. Добитничка е на Признанието за поезија од градоначалникот на градот Пенономе во Панама.

Објавени стихозбирки: Танц по морињата (Нови Пазар, 2008) и Фламенко утопија (Краљево, 2014).
Научна студија Дервишот или човекот, животот и смртта (Белград, 2010).

Книги на странски јазици: Alfa, Alef, Elif, избор песни на шпански (Гранада, 2011); Flamenco utopia, на шпански (Мексико Сити, 2017), Borges'in Gözlerinden, на турски (Анкара, 2018). Фламенко утопија на македонски (ПНВ Публикации, 2020) и Flamenco utopié на француски јазик (Phi Éditions, 2021).