Тинејџерка тргна во мисија да стане најмладата жена што сама го прелетала целиот свет

Деветнаесетгодишната Зара Рутерфорд вчера тргна во мисија да стане најмладата жена која самостојно го прелетала целиот свет. Таа ја напушти Белгија и тргна на пат во текот на кој треба да помине 52 земји и 5 континенти.

„Моментот кога ќе се издигнете од тлото заборавате на се. Тоа сте само вие и авионот“ изјави таа.

Зара има двојно белгиско и британско државјанство. Веб-страницата која го следи нејзиното патување објави дека полетала од градот Кортрајк. Досега женскиот рекорд го држи Шаеста Вајз од САД, која самостојно го прелета светот на 30-годишна возраст. Машкиот рекорд го држи 18-годишник, а тоа Рутерфорд го смета за родова нерамноправност.

Таа се надева дека нејзината епска експедиција ќе ги заинтересира жените и девојките за летање или генерално ќе ги инспирира да ги следат своите соништа, се наведува на нејзината веб страница.

Тинејџерката ќе лета со ултралесен европски авион Shark, кој може да крстари со брзина од 300 км на час. Летањето и е во крвта на Зара, затоа што и мајка и, по потекло од Белгија, и татко, по потекло од Велика Британија, се пилоти.

Зара од Белгија ќе тргне  кон Велика Британија, а потоа преку Исланд до Гренланд и понатаму на запад. Во меѓувреме ќе преноќува кај познаници и кај поддржувачи од целиот свет. Нејзиното враќање во Белгија се очекува за три месеци отсега, на почетокот на ноември.

(N1)

(фото: YouTube)

 www.inovativnost.mk