„Татко и син Упевче (мозаици и цркви)“ ‒ изложба на Славко и Никола Упевче во рамки на 33. Поетска ноќ во Велестово

Во рамки на 33. Поетска ноќ во Велестово, традиционално ќе биде отворена и ликовна изложба. Годинава, со изложбата „Татко и син Упевче (мозаици и цркви)“ ќе се претстават охридските академски уметници Славко Упевче и Никола Упевче, кои годинава ја празнуваат и јубилејната 30-годишнина од отворањето на нивното ателје и галерија во Охрид.
 
Славко Упевче (1951, Охрид) дипломирал на Факултетот за ликовна уметност во Скопје, во класата на професор Рубенс Корубин. Член е на ДЛУМ, ДЛУПУМ. Самостојно изложувал во: Македонија, во Бугарија, во Србија, во Хрватска и во Словенија. Учествувал и во повеќе групни ликовни изложби во Европа и во Америка. Негови дела се наоѓаат во збирки на сите континенти.


 
„Упевче е сликар на Охрид, сликар на охридската архитектура и охридскиот пејзаж, во неговите пастели на највисок трон зачувана е охридската божествена светлина, ретко каде видена, доживеана и заробена во рамките на неговите слики. (...) Охрид на неговите слики не е оној што го гледаме денес, туку тој е еден друг Охрид, мистичен, заробен како инсект во килибарно зрно, топол, често и лирски растеперен во волшебните отсјаи на „големата“ и „божествената“ вода. Сликарскиот ракопис на Упевче е препознатлив по распосланиот блесок на боите што внимателно го визуелизираат просторот посредно што влегува во неговиот видокруг.“ ‒ Славе Ѓорѓо Димоски


 
„Славко Упевче е сликар на светли бои, сликар на радоста во сончевиот Охрид. Тој е македонски сликар, но пред сѐ е охридски сликар. Тој знае да ја долови вистинската насмевка на пејзажот и поучен од големите охридски фрески галерии по ѕидовите на десетиците охридски цркви, да ја определи нијансата на бојата создадена под сонце и онаа смекната под сенка.“ ‒ проф. д-р Драги Стефанија 1996 Копар, Словенија
 
„Основна констатација е дека Славко Упевче не го слика Охрид, туку она што го дефинираме како охридско. Кога го докажуваме ова имаме предвид дека на неговите платна ќе ја сретнеме Струга, Крушево и друго место, до каде што допрело она што Охрид го бара низ векови. Оттука, и можност неговото сликарство да се толкува низ пошироки димензии, па сé до балканските и медитеранските струења и заложби.“ ‒ Жарко Този, 1986 г.


 
„...Овие слики претставуваат дел од визуелната историја на Охрид и охридското крајбрежје. Овој ликовен хроничар на своето време е воедно вљубеник во својот град, што перманентно и неуморно го следи пулсирањето и животот на Охрид со синевината на Охридското Езеро.“ ‒ Академик Васко Ташковски, 2014 г.
 
 

 
Никола Упевче е роден 1978 година во Охрид. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Самостојно изложува од 2002 година и реализирал бројни проекти на современи мозаици и реставраторски третмани на антички мозаици во земјата и во странство, а учествувал и на бројни групни изложби. Живее и работи во Охрид.

 

„Среќен сум што го запознав Никола, со него влегов во Македонија, во неговиот свет. Ја запознав неговата земја, неговото езеро, неговото семејство, неговата култура, неговиот професионализам, неговата имагинација. Желбата да се живее е очигледна во неговите мозаици, желбата да се игра, да се забавува е силна. Комбинира бои, мермер, стакло и други материјали со рафинирана техника и со свој препознатлив јазик. Очигледно е во неговата работа дека кога работи се насмевнува, се бори – додека се забавува, ова го прави неуморен, вулкански. Неговите дела се тродимензионални, тие излегуваат на виделина, доаѓаат до Вас, Ве вклучуваат, Ве носат и Ве однесуваат низ боите и формите за да Ве натераат да го почувствувате неговото расположение, неговата бесконечна желба да се изрази.“ ‒ Алесандро Лугари, Италија.


 
„Ателјето на Никола Упевче открива волшебни светови соткаени од камен каде посетителот брзо ја исчитува длабоката слоевитост на видливото. Гледајќи го како работи со голема вештина и знаење, не само за мозаичните учења, туку и за антиката која е негова голема инспирација, се увидува дека не станува збор само за завиден мајсторлук и напор, туку и за голем мерак при творењето. Тој успева преку тврдиот камен да створи мекотија во изразот, пренесувајќи ја неговата природна боја, нам обично затскриена. Секое поединечно камче е облагородено преку неговиот допир пред да стане дел од една наративна целина која раскажува илјадници приказни – стории за Плаошник и Канео, за езерото и рибите, за охридските цркви, куќи и луѓе, кои пред него оставиле печат во градот. Авторот не само што ја пренесува историјата преку уникатен сликовен облик, нурнувајќи во световите што му претходат, туку ја толкува и сегашноста. Па така неговиот Охрид ни го пренесува со извонредна деталност пред кој гледачот останува долго испитувајќи ја сопствената просторна ориентација. Уметноста на Упевче секако создава уште една трага во милениумската стратиграфија на градот и останува како уште едно сведоштво за создавачкиот континуитет.“ ‒ Александра Николоска, МАНУ