Неколку песни од Д. А. Лори ‒ учесник на 33. Поеска ноќ во Велестово

Темната страна на срцето
 
Денес започнав војна,
запалив огнови, кренав ѕидови,
од нив само небото се гледаше.
Низ ветрот само „Во ноќта си месечина“
се слушаше.
 
Денес започнав војна,
донесов пустош и беда во срцево,
целата смртност и кршливост се сторив.
Низ ветрот само „Во ноќта сум месечина“
се слушаше.
 
Денес започнав војна,
и веднаш се изморив, се изгубив,
кренав бели знамиња, се предадов.
Низ ветрот ја слушаме истата песна
и се бараме.
 
 
*
 
Кога ќе умрат сите сведоци на твојот живот,
ти почнуваш да се измислуваш,
стануваш херој, мајка, татко,
вселенски патријарх, папа,
сите измислени, сите неизмислени ликови.
Тебе ти останува редот
да го напуштиш овој свет
со лаги, измислици, фантазии.
Вистината останува тивка и невидлива ко здив,
се распрснува на сите страни,
како стаклена минијатура,
никогаш да не се состави.

 
Ќе се сретнеме ли?
 
Возам низ градот во ниедно време,
по мокри улици и празни семафори,
по улиците, сеништа од дневниот метеж,
на радио, „Сениште“ од Архангел,
Под ова небо железно
никогаш нема да се сретнеме...
Сите ние неколкумина,
во оваа темна ноќ, одиме некаде;
и мачката, која знае да оди по вода,
и згрбавениот старец,
кој ги влече нозете
полни години и умор,
и јас, замислена зад воланот,
со цигара во рака
и глава полна мрачни стихови,
и моите вчера, денес и утре,
удобно оптегнати на задното седиште...
Понекогаш ноќите се премногу долги,
чиниш никогаш нема да се раздени,
да светне ден и да ме повлече,
да ме сардиса со обврски,
да подзаборавам дека тивко се губам,
дека се разминувам со себе,
со тебе, со другите.
Ќе се сретнеме ли?


 
Долорес Атанасова – Лори е родена 1974 г. во Германија, каде што ѝ минало раното детство, а потоа живела во Охрид, сѐ до 1993 г., кога се преселува во Скопје каде што живее и сега.

Работи како професор по англиски јазик. Песните на Д.А.Лори за првпат се објавени во „Букбокс“, а во 2014 г., ја издава својата прва стихозбирка „Будење во трето лице еднина“ (Блесок). Во 2016 г. ја издава „Со ветрот под рака“ (Антолог), а во 2019 г., излегува нејзината трета книга, „Небо во кафез“, (самостојнo издание, поддржано од Министерство за култура).

Нејзини песни се објавувани во ревии, во монографии и во периодиката, како: „100 000 поети за промена“, е-книгата „Поетискон“, онлајн магазинот „Словокулт“, Fixpoetry (германска платформа за литература на интернет), монографијата на „Астални проекции“ и списанието „Современост“.

Добитник е на наградите: „Антево Слово“ (Ангело ла Векија, 2017), „Тодор Чаловски“ за 2019 година, во чии рамки беше објавена и нејзината четврта стихозбирка „Ќе фатит бран“ (Галикул). Во 2020 г. беше номинирана во потесен избор за наградата „Браќа Миладиновци“ (СВП). Нејзини песни се преведени на германски, на англиски, на хрватски, на српски и на шпански јазик.