33. Поетска ноќ во Велестово е посветена на творештвото на поетот Ристо Лазаров

Во продолжение, пет песни за Охрид од неговото обемно творештво:
 
 
СРЕДЕ ЕЗЕРО
 
На кајче кога си
среде езеро
најубаво гледаш
колку е големо езерото.
Тогаш малку ти помодрува
работ на насмевката:
една голема птица над тебе
знае дека си незаштитен
и грака ли, грака претсказанија.
Збрлавена е птицата од среќа
леле, ќе слета на дното на езерото!
Оттаму најубаво се гледало
како и ти потонуваш и се мачиш
пред да се удавиш
да си го закрпиш
последниот сон.
Со водена игла.
 
 

 
ИМАРЕТ
 
Дали беше Евгенија
или некоја друга мома
засадила бор на Имарет,
на врв ритка, па од врв бор
се фрла опул преку
езерските планини.
Тука, под борот,
се вршела редовна смена на боговите
како што се менува стражата
пред Бекингемската палата во Лондон.
Под свежо обелените ѕидови
на едно мало куќиче
севезден, дење-ноќе,
скитаат сенки:
ту се дерат на сет глас,
ту плачат, секогаш од мака.
Таков е театарот на сенки.
 
Под борот со децении веќе
годиначе непроодено си спие.
За мајка му Ташула
само еден бил Господ.

 
ЅВЕЗДАРИУМ
 
Риџата
или голема
или не е риџа.
 
Деспина
или е најлична
или не е Деспина.
 
Ѕвездариумот
над езерото или е најсјаен
или не е ѕвездариум.
 
Пушките
што фрлаат кога
ја грабеле Деспина
 
биле секавично губење
на разумот од љубов голема
или не биле пушки.
 
 

 
БЕЛО ВО ЦРНО
 
Влегува бела –
истекува црна.
 
Река, слеана во езерото,
црно-бела тепсија.
 
Врз неа пастрмките
играат шах,
ловат сонце
и ги даруваат
рибарите –
дрим дримосани.
 
Никогаш не се знае
кој е на потег.
 
 

 
САДИЛО
 
Од занес гугучки
ангелска песна излегува.
 
Насмеани бисери
му се тркалаат низ грло,
сосе вековите –
и тие да не се покусо.
 
Садило
вековите се мераци
ги садило –
безвремено кандило.
 
Исто ти било
да се пее и да се живее.
 

 
Ристо Лазаров е роден на 3 октомври 1949 во Штип. Дипломирал Југословенска литература и македонски јазик на Филолошкиот факултет во Скопје.

Тој е автор на 28 книги поезија и на неколку избори од неговото творештво. Објавил и избрани дела во четири тома. Автор е и на повеќе книги огледи и публицистички трудови. Негови книги се објавени на англиски, албански, бугарски, српски, чешки, словенечки јазик, а поетски циклуси на германски, француски, шведски, турски, романски, унгарски и други јазици.

На македонски превел над 30 книги од англиски, чешки, српски, бугарски и други јазици. Добитник е на сите значајни награди за поезија во Македонија и застапуван е во сите антологии на современата македонска поезија.

Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1972 година, а од 2005 до 2014 година бил претседател на Македонскиот ПЕН центар. Живее и работи во Скопје, како новинар.

Бил генерален директор на југословенската новинска агенција „Танјуг“, главен уредник на меѓународното списание „Балкан форум“, а долги години беше директор и главен уредник на независната национална телевизија „Телма“ во Скопје. Автор е и на повеќе новински и телевизиски патописи.