Промоција на збирката филмски рецензии и есеи „Видеологија“ од Златко Ѓелески

 На 29 јуни, на платото пред Младинскиот културен центар во Скопје, со почеток во 20 часот ќе се одржи промоција на збирката филмски рецензии и есеи „Видеологија“ од Златко Ѓелески, издание на ПНВ Публикации од Скопје.

Книгата ќе биде претставена низ разговор со авторот, а разговорот ќе го води Јулијана Величковска, главен уредник и основач на ПНВ Публикации.

Настанот ќе се одржи на отворено, почитувајќи ги препораките за заштита од корона-вирусот.

 „Видеологија“ претставува збир филмски рецензии и есеи за филмовите што се појавија и во домашната продукција и во светски рамки во 2019 и во 2020 година. Книгата е поделена на два дела, од кои првиот дел содржи анализа на долгите и на кратките играни и документарни филмови што беа продуцирани и снимени во нашата земја, а вториот дел од книгата содржи избор на дваесетте најквалитетни долги играни и документарни филмови што се појавија во 2019 и во 2020 година во светски рамки.

  Оваа книга е наменета да претставува еден вид огледало и на домашната и на светската филмска сцена, да се воочат начелата според кои е препознаен стилскиот израз на домашните филмски автори, наспроти визуелниот маниризам на реномираните светски филмски автори и младите гласови што пирово се пробиваат во рамките на квантитативната понуда на филмски дела. Оваа книга на читателот му ги доближува значајните актуелни остварувања, со тенденција да прерасне во книжевен серијал, со цел објективно да ги истакне високите естетски вредности на модерниот филм.
 


Златко Ѓелески е писател, филмски, музички и книжевен критичар, роден во 1986 година во Битола. Дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Факултетот „Блаже Конески“ во Скопје.

 Активно се занимава со филмска критика од 2008 година, како уредник и издавач на списанието „Кошмар“. Дигиталните филмски рецензии ги објавува на веб-страницата „Мувис.мк“, музичките на „Плагијат“, а пишува филмски рецензии објавени во печатена форма во: „Граѓански“, „Кинопис“, „Филм плус“ и други магазини и дневни весници. Од 2011 година до ден-денес е водител на филмската радиоемисија “Danse Macabre”, што брои 12 сезони на „Канал 103“, како и специјализираната емисија за ТВ-серии „ТВ 103“ од 2020 година, што брои две сезони. Добитник е на наградата за најдобра филмска критика на 12-то издание на филмскиот фестивал „Синедејс“ во 2013 година. Режисер е на краткометражните филмови „Од другата страна“ и „Мемоари“, организатор на ревијата на хорор филмови „Мрак Фест“, одговорен е и за музичките изданија на „Мрак“. Член беше на жири-комисии на филмските фестивали: „Синедејс“, „Филмај“, „Мобил филм фест“ и други. Од 2017 и 2018 година е водител на Јутјуб-емисиите „Видеологија“ и „Ревизија“, а организира и мултимедијални забави со „Доминион евентс“.
 Тој има објавено три збирки раскази: „Морбидизам“ (Самиздат, 2013), „Колекционерот на страв“ (Литиум Рекордс, 2015) и „Понор“ (Бегемот, 2019), а неговите раскази редовно се преведуваат и се објавуваат на српски јазик, во неколку балкански антологии. Расказите му се наградени и на неколку натпреварувачки конкурси во државата.