Новата генерација паметни телефони може да се мијат со средства за дезинфекција

 Во последно време производителите на паметни телефони се пренасочија на вградување различни сензори и опции кои се во склад со времето. Така, се појавија паметни телефони со термо камери, кои може да го мерат срцебиењето, фреквенцијата на дишење и слично. Но, некои производители се фокусираа и на фактот дека среде пандемија посебно значење даваме на дезинфекцијата на се што допираме, вклучително и на смартфоните.

Додека некои уреди поради напредната технологија во нив се прилично осетливи, други се фалат со грубиот и издржлив изглед. Доволно е да се каже дека 34% од сопствениците на телефони ги оштетуваат или ги уништуваат своите телефони во текот на користењето, а поправката честопати е поскапа од купувањето нов телефон.

За да создаде нова класа уреди кои ќе бидат издржливи и отпорни на секојдневните предизвици Motorola склучи партнерство со групацијата Bullitt, која веќе осмисли повеќе издржливи мобилни телефони за некои други производители. Како што истакнаа, целта била да се дизајнира мобилен телефон кој без проблеми може да се носи со сите предизвици со кои се соочуваат корисниците секој ден и во град и при авантурите во природа.

Новиот уред Motorola Defy е тестиран дали може да ги издржи сите ситуации. Отпорен е на вода, има сертификат IP68 и може да издржи да биде под вода на длабочина до 1,5 метри до 35 минути благодарение на посебното куќиште со двојна заштита. Може да издржи и пад од висина од 1,8 метри и е сертифициран во склад со военитe стандарди MILSPEC 810H откако е тестирана неговата издржливост во екстремни услови.

Од Motorolа велат дека Defy поднесува перење толку често како што се мијат рацете. Буквално може да се стави под вода и да се измие со сапун или со средство за дезинфекција.

Според досегашните информации, на европскиот пазар телефонот стигнува во текот на летото, а препорачаната цена е 329 евра.

(Zimo)

(фото: Flickr)

www.inovativnost.mk