Од кујната на Виолета - Киндер пингвин коцки

Во денешната кујна нашата Виолета ни подготви интересен и мноогу вкусен десерт, кој лесно може да си го приготвите и вие - киндер пингвин коцки. 

Еве што се е потребно и како се приготвуваат: 
 
За пандишпан:

6 јајца (одвоено белки и жолчки)
6 лажици шеќер
6 лажици брашно
1 прашок за пециво
6 лажици врела вода
3 лажици какао
 
За крем:

250 гр маскарпоне
5 лажици шеќер во прав
500 мл слатка павлака
1 желатин
 
За чоколаден крем: 

100 гр чоколадо
50 гр путер
1 лажица масло
50 мл вода
 
За глазура:

100 гр чоколадо
50 гр путер
1 лажица какао
 
Подготовка: 



Жолчките изматете ги заедно со шеќерот и врелата вода. Измешајте ги какаото, брашното и пецивото во посебен сад и додадете ги во изматените жолчки лажица по лажица.

На крај изматете ги белките со прстофат сол и тие додадете ги во жолчките.

Печете во голем плех од шпорет обложен со хартија за печење на 175°С околу 25 минути.

Сечете на два еднакви дела.

Во меѓувреме подгответе го кремот.

Желатинот прелијте го со 4 лажици вода да набабри. Изматете го маскарпонето со шеќерот во прав и додадете ја веќе изматената слатка павлака. Желатинот стоплете го на ниска температура, па потоа додавајте го во смесата.

За чоколадниот крем потребно е чоколадото ситно да го исечкате, а во посебен сад да го загреете путерот со маслото и водата. Кога течноста ќе се соедини, тргнете од оган и додадете го чоколадото. Мешајте додека не се растопи.

Глазурата ќе ја подготвите така што на тивок оган ќе го загреете какаото со путерот додека не добиете еднолична смеса и додадете го чоколадото.

Но глазурата правете ја на крај, затоа што треба да е топла кога ќе ја прелиете.

Редење на слоеви:

Прво се става половината од пандишпанот и се премачкува со половина од кремот.

Над кремот ставете го чоколадниот крем и оставете го да се излади во фрижидер 15 минути.

Откако се излади, ставете ја другата половина од кремот па покријте со втората половина од пандишпанот.

Прелијте со топла глазура и оставете го колачот во фрижидер неколку часа.

Сечете на коцки...

Преубав десерт кој вреди да се направи.

На здравје!