Охридските поетеси во чест на Светскиот ден на поезијата

 Поезија е именка од женски род. Затоа ние од НУ Библиотека „Григор Прличев“ денес на Светскиот ден на поезијата се определивме овој празник да ви го честитаме со песни од три поетеси од различни генерации кои живеат и творат во Охрид.

На нашата покана за соработка најљубезно се одзваа: Марина Икономова Шокева, Кристина Т, Рудеска и Дамјана Видическа.

Тие истовремено ни одговорија и на вечното прашање: Има ли формула како се станува поет – поетеса?


Погледнете и слушнете.

 
 Марина Икономова Шокева
 е родена во Охрид, 1966 г. Завршила филолошки факултет во Скопје на Катедрата за англиски јазик и книжевност. Работи како наставник по англиски јазик во основното училиште „Св.Климент Охридски“ во Охрид.

Автор е на стихозбирките „Слики од бунарот“и „Директни обраќања“. Нејзината поезија е застапена во разни алманаси, ревии и заеднички стихозбирки во земјава и во странство, меѓу кои: „Литературни искри“, „Бранувања“, „100 000 поети за промена“, „Месопотамија“, „Поезија Стенка“ и други. Нејзини песни се препеани и објавени во Босна и Херцеговина и во Србија.

Учествувала на повеќе фестивали и поетски читања, меѓу кои: „Струшки книжевни средби“, „100 000 поети за промена“, „Перо Живодрага Живковића“ (БиХ), „Поезија Стенка“ и „Месопотамија“ (Србија).
 


 Кристина Т. Рудеска е родена 1983 година во Брчко, Босна и Херцеговина. Креативноста како нејзина карактеристика ја изразува преку изработка на накит, кусо време се занимавала и со вајарство.

Нејзино најново пристаниште во кое се чувствува убаво е светот на поезијата и како што вели самата преку првата збирка песни која  содржи близу 50 песни таа остварува уште една своја цел.  Автор е на стихозбирката „Трагач низ времето“.
 


 Дамјана Видическа е од Охрид. Видическа е членка на Друштвото на пистаели на Македонија.  Дипломирала англиски јазик и литература со германски јазик и моментално работи како наставничка по англиски во основно училиште. Покрај тоа предава и на ФОН, како демонстратор по британска и американска книжевност, се занимава со пишување (и веќе има издадено 3 книги), а последните 5 години активно се занимава со филм и фотографија.
 

Нека ни е честит Светскиот ден на поезијата

НУ Библиотека „Григор Прличев“  Охрид