Охрид SOS: Поднесена претставка за координиран инспекциски надзор за објектот „Парк“ во Охрид

 Претставката е поднесена до Инспекцискиот совет на РМ, до Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам и до Државниот управен инспекторат.

Од нив е побарано веднаш да излезат на терен со цел да се спречат трајни и неповратни последици врз објектот „Парк“, за кој Охрид ЅОЅ  иницираше постапка за прогласување на споменик на културата. 


 
Истовремено, од горенаведените инспекциски служби е побарано да постапат во рамки на своите надлежности и по службена должност да отпочнат постапки за обезбедување кривична одговорност за сите кои ги прекршиле законите во случајот со објектот „Парк“. 

Ги повикуваме и сите други засегнати институции, најнапред Министерството за култура, Министерството за животна средина и просторно планирање, Управата за заштита на културното наследство, Завод за заштита на спомениците на културата и музеј Охрид, претседателот на владата, градоначалникот на Охрид, да постапат веднаш и да не дозволат уништување на објектот „Парк“.

Бараме:
• Итно сопирање на сите активности на ресторан Парк, сè додека не се разгледа Инцијативата на Охрид ЅОЅ за прогласување на објектот за споменик на културата. Иницијативата е веќе поддржана и од Асоцијацијата на архитекти на Македонија.

• Итно постапување по Иницијативата и ставање на објектот на ресторан „Парк“ под привремена заштита.

Потсетуваме на извештајот на РММ на УНЕСКО (2017) каде што стои: „Урбанизација со низок квалитет влијае на крајбрежниот пејзаж. ...oвој дел на брегот веќе не изгледа природен, туку источкан со помали и поголеми градби (особено скоро изградениот Hotel Park Lakeside)“, а „лошиот архитектонски квалитет, во, и надвор од урбаните средини е закана за визуелните квалитети на доброто и закана по неговиот интегритет. Високите згради или било какви згради блиску до водата имаат големо визуелно влијание наштетувајќи му на интегритетот на доброто.“

Бараме од сите наведени институции да покажат барем елементарна грижа за светското наследство на Охридскиот Регион
за да не бидат запаметени како варвари!

За сите прекршувања на законите ќе бидат поднесени и соодветни кривични пријави.
Мафијата повеќе нема да владее со единствениот УНЕСКО Регион во Македонија!

За сите дополнителни информации стоиме на располагање.
Со почит,
Активисти на Граѓанската иницијатива Охрид SOS