Обични – необични раскази (кон збирката „Класифицирано“ од Лилјана Пандева)

 Лилјана Пандева, препознатлива на прозната сцена по романите „Доилката“ (добитник на наградата „Стале Попов“) и „Дневници на една љубов“, сега ни се претставува со најновата збирка раскази насловена „Класифицирано“ во издание на ПНВ Публикации.

Умот на секој писател е интересно и разиграно место, полно со најразлични, необични и обични ликови и мисловни авантури. Секој од нас би сакал да знае што се случува во него, да ѕирне подлабоко во оние класифицирани документи во неговата духовна и ментална архива. Преку оваа книга ние имаме можност, барем за момент, да навлеземе во светот на Пандева и да уживаме патувајќи низ тој емотивен ролокостер, што ветува убаво доживување.

Уште од првата реченица авторката како со свилен конец не повлекува во приказните, и тоа е заедничко за сите деветнаесет раскази или класифицирани досијеа на лични судбини. Првата реченица во првиот расказ вели: „Таа се вљуби во тој фамозен Артур Мартин уште пред да го сретне.“ (Артур Мартин) или понатаму: „Евгенија не го сакаше веќе човекот со кого ја делеше постелата.“  (Меѓу шест и седум). Кажувајќи го проблемот во првата реченица, веднаш нѐ зема во свои раце, држејќи нѐ така, под свое до крајот, кога се објаснува заплетот и сѐ добива смисла.

На прв поглед, ќе ни се причини дека станува збор за многу обични и нормални ликови и животи, за подоцна да согледаме дека приказната се движи на тенка линија помеѓу реалното и надреалното. Во некој од расказите на почетокот може да помислиме дека станува збор за класична љубовна приказна, за на крајот да дојдеме до магична надреална разрешница („Дупка“) или, пак, да почне како приказна за еден нос, за да дојде до романтичен и среќен крај („Носот на Тина“), да почне љубовно, а да заврши тажно („Присутност“), да почне спокојно, а да заврши тензично („Импресиум“), да почне обично, а да се расплете необично („Будилник“).

 Она што авторката успева да го направи  во сите овие ситуации е да нѐ изненади, да нѐ однесе од една до друга крајност, но на моменти и да нѐ наведе во погрешна насока, да помислиме дека станува збор за едно нешто, а тоа да е нешто сосема друго [„Артур Мартин“ и „Љубовникот на (Св.) Софија“]. Амплитудата на крајности оди од сакање до несакање, притоа прикажувајќи ја трансформацијата од љубов во нељубов („Меѓу шест и седум“), од имање до немање и обратно („Присутност“) поставувајќи го тука прашањето на минливоста и менливоста на нештата, фактот дека никој и ништо не ни е дадено за навек, но и благодарноста за човекот што го имаме покрај нас па дури и заради навидум банална причина, како на пример да ни ги грее стапалата во студените зимски ноќи.

 Расказите не се меѓусебно поврзани содржински, ниту, пак, ликовите се повторуваат или испреплетуваат. Секој расказ е микрокосмос сам за себе. Секоја приказна е уникатна. Иако се пишувани во период од десетина години, ако тоа не се знае, нема ни да се насети, бидејќи тоа што ги поврзува е јасно изградениот и препознатлив стил на Пандева, нејзиното лично писмо. Сите тие микрокосмоси создадени во различен период во животот, некои од нив и веќе издадени во списанија или наградувани, заедно создаваат еден универзум. Расказите не се ниту многу куси, ниту многу долги, туку умешно дозирани за целосно да го задржат вниманието на читателот. Наликуваат на синопсис за долгометражен филм или роман, затоа што во неколку страници е опишан целиот живот или важна животно-одредувачка случка на главниот лик. Јазикот на кој се пишувани е совршен, наликуваат како да се ткаени. Такво чувство се добива од леснотијата со која течат приказните и се градат ликовите. Пронижани со хумор и сатиричност („Салати-чка“), но и со луцидност што им вдахнува свеж здив во, на моменти, тензичните ситуации. Со радост се потсетив на некои стари македонски зборови што сум ги подзаборавила, а можеби помладите генерации не ги ни знаат нивните значења. Токму затоа, ова читачко искуство ми беше како да сум посетила музеј на заборавени зборови.

Ликовите се реални, секојдневни, како луѓето со кои се разминуваме на улица, со кои се возиме во автобус или седиме во исто кафуле. Проблемите што ги мачат се исто така обични или необични, од успивање поради неактивиран будилник, студени стапала, трагање по сопствениот идентитет и корените, суеверие од гледање на кафе, до вљубување во предмет или архитектура. Раскажани најчесто во трето лице еднина, многу поретко во прво лице еднина, главните ликови или носителите на приказните се подеднакво и жени и мажи. Она што е интересно и оргинално е тоа што во два наврата се раскажува од аспект на лице со попреченост [„Љубовникот на (Св.) Софија“] или лице со недостаток („Носот на Тина“). Во вториов случај со лице што најпрво е неспособно да чуствува мирис, за потоа по операцијата, да го открива светот на мирисите налик на Гренуиј во „Парфем“ на Патрик Зискинд, но за разлика од Гренуиј кој убива за да го направи совршениот мирис, Тина го осознава светот на мирисите за да ја прeпознае љубовта на својот живот. Додека, пак, расказот по кој е насловена збирката го поставува прашањето за судбинската предодреденост, односно дали може да се побегне од она што ни е предодредено од судбината? Како ќе ни се одразат во животот гревовите што сме ги направиле? Цела палета прашања суптилно се отвора пред нас предизвикана од животните судбини на ликовите раскажани во оваа збирка.

Расказите „Класифицирано“, како печени костени во дожлив ноемвриски ден ќе ви ги активираат сетилата за мирис и вкус, ќе ве стоплат и ќе ви го разубават ова сиво секојдневие. Сигурна сум дека ќе барате костен плус на крајот на фишекот.
 
                                                                                                                                              Снежана Стојчевска