Свети Три Светители

 Денес православната Црква го празнува денот на Светите Три Вселенски учители, празник востановен за празнување во XI век за време на владеењето на христољубивиот цар Алескиј Комнен. 

На овој ден се чествуваат свети Василиј Велики, свети Григориј Богослов и свети Јован Златоуст. Секој од нив има и свој посебен ден на празнување во месецот јануари, но во тоа време се појавил голем спор за нив меѓу верниците.

 Едните го поставувале свети Василиј Велики повисоко од другите светители, тврдејќи дека ги надминува другите во делата и словата, при што во него гледале маж малку подолу од ангелите, со цврст дух кому земните работи му биле туѓи; веднаш по него го поставувале божествениот Јован Златоуст кој имал поинакви карактеристики и задачи: едните тврделе требало да ги милува грешниците и да ги води кон покајание. Другите пак, обратно - го возвишувале божествениот Златоуст, како најчовекољубив маж, кој ја разбира слабоста на човечкото естетство и благоглаголив столб кој паствата ја насочувал кон покајание со своите беседи - затоа и го поставувале повисоко од свети Василиј и свети Григориј. Постоела и трета група која ревносно стоела зад свети Григориј Богослов, тврдејќи дека со неговата  моќ на убедување, недостижната длабочина на умот и искуството кое го имал во толкувањето на Светото Писмо е над другите; други пак, го намалувале неговото значење. На овој начин, постоел раздор помеѓу Православните, при што едните се нарекувале себеси јованити, други василијани - а трети григоријани.
 
По Божја промисла, светите три светители му се јавиле на Свети Јован, епископ Евхаитски кој се прославил со својот добродетелен живот и ученост, најпрво одделно, а потоа и заедно. Заедно почнале да му зборуваат:
 
- Како што гледаш, ние сме еднакви пред Бога. Помеѓу нас нема никаква поделеност, ниту пак спротивставеност еден кон друг. Во своето време секој од нас, поттикнат од благодатта на Божествениот Дух, ги напиша соодветните поуки потребни за спасение на народите. Тоа што го научивме тајно, го предадовме на луѓето јавно. Помеѓу нас нема ниту прв, ниту втор. Затоа нареди им на оние кои спорат за нас да престанат со споровите, оти ние се грижиме сите краеви на вселената да ги доведеме во мир и едномислие. Исто така, соедини го нашето празнување во еден ден, и состави ни празнична служба и на другите пренеси им дека нашето достоинство е исто. А ние ќе бидеме помошници на оние кои го прославуваат нашиот спомен.
 
Откако го кажале сето ова, се вознеле кон небото, сјаејќи со неопишлива светлина и повикувајќи се еден друг по име.
 
По Божја Промисла овој спор беше решен во корист на Црквата и на уште поголема слава на овие тројца светители. Евхаитскиот епископ Јован имаше едно видение во сон, имено: прво му се јави секој од овие светители во голема слава и неискажлива чудесност, а потоа сите тројца заедно. Тогаш му рекоа: „Ние сме едно во Бога, како што гледаш, и кај нас нема ништо противречно, ... ниту има меѓу нас некој кој е прв или втор“. Светителите го посоветуваа епископот да им напише една заедничка служба и да им се одреди еден заеднички ден за празнување. Со ова прекрасно видение спорот се реши на тој начин што 30 јануари се одреди како заеднички празник за тројцата Свети Архиереи.