Водокрст - празник на силата и моќта на Крстот

 Денес се одбележува празникот Водокрст. Во Светата Црква на тој ден се воспева силата и моќта на Крстот. Се врши крштевање на водата и таа со силата на Светиот Дух добива лековита моќ.

 Празникот е востановен во спомен на првите христијани кои биле крштевани и истите го примиле христијанството. Значи, денот пред големиот христијански празник Богојавление – Водици, е наречен Водокрст. На истиот ден секоја година се извршува голем Богојавленски водосвет. Празникот е познат под имињата Водокрст или Водопост, како ден на строг пост, во кој се пости само на вода.

Водокрст е ден кој му претходи на големиот празник и воедно го најавува празникот Богојавление - Водици, односно денот на крштевањето на Исус Христос во реката Јордан. На тој ден, Божјиот Син навршил триесет години од телесното раѓање и тргнал да го извршува Својот учителски и спасителен подвиг. Како што дознаваме од Новиот завет, во мигот кога Свети Јован Крстител го крштевал Исуса Христос во реката Јордан, во еден миг се појавило Светото Тројство: Отецот се јавил од небото сведочејќи за Синот, Синот се крштевал во реката Јордан, додека Светиот Дух сведочејќи за Него, се појавил во вид на гулаб.

Водокрст  е поврзан со Богојавление-Водици, осносно со крштевањето на Исус Христос од страна на Свети Јован, кој оттогаш се нарекува Крстител, а фаќањето на крстот на Водици, значи соединување на човекот со Христа. Светената вода претставува Божја благодат: таа ги чисти од нечистотија сите оние кои веруваат, ги осветува и закрепнува на подвиг за спасение во Господа. Прв пат се потопуваме во неа на Крштението, кога со примањето на Светата Тајна Крштение трипати се потопуваме во крстилницата наполнета со света вода. Светата вода во Светата Тајна Крштение ја симнува духовната нечистотија од човекот, го обновува и го препородува за нов живот во Христа. Светата вода задолжително се користи кога се осветува црква и свети предмети кои се употребуваат за време на богослужбите, кога се осветуваат домови или некои предмети од домаќинството. Со света вода не' попрскуваат на литиите, на молебните. На Водокрст и на Богојавление секој православен христијани носи шишенце со света вода, внимателно ја чува како најсвета светиња, земајки ја со молитва за време на болест или немоќ. Свети Димитриј Херсонски пишува:„Светата вода има сила да ги осветува душите и телата на сите што ја користат. Ако се користи со вера и молитва, таа ги лекува сите наши телесни болести“. Преподобниот Серафим Саровски на поклониците по исповедта секогаш им давал да се напијат по една чаша богојавленска вода.

Чинот на водосвет кој се извршува на Водокрст и на Богојавление, се нарекува голем водосвет, заради посебно свечениот чин кој е проткаен со сеќавање на крштението Господово, во кој Црквата не гледа само таинствено очистување од гревовите, туку и вистинско осветување на природата на водата преку потопување на Бог во тело во неа.



Фото: Православно слово