Рецепти за два вида посни плескавици - грав и риба!

  Телото претставува машина за продукција на протеините, но сепак има неопходна потреба и од нивно внесување преку исхраната, особено од некои видови протеини, односно протеините кои во составот содржат т.н. есенцијални аминокиселини (аминокиселини кои телото не може самото да ги синтетизира).
 

Наместо посегнување по месни производи, треба да го зголемиме внесот на мешунки, како грав, грашок, леќа, соја, боранија, потоа киноа семе, хељда и останати полнозрнести производи, да јадеме риба и малку месо со ниска содржина на заситени масти, подготвено на здрав начин.
 
Можеби ќе ви делува чудно, но плескавиците можат да бидат навистина здрава храна, a во продолжение го докажуваме тоа!
 
 
 
 
 
1.Плескавици од грав
 
 
За овој рецепт, потребно ќе ви биде:
 
2 чаши претходно сварен црвен или црн грав (може и од конзерва)
Половина чашка добро сомелен овес
1 главица црвен кромид, доста ситно исецкани
3 чешниња свеж лук, ситно исецкани
2 моркови со средна големина, изрендани
1 супена лажичка кумин
½ супена лажичка коријандер
1 страк млад кромид, ситно исецкан
1 лажичка соја сос
½ супена лажичка чили (ако јадете луто)
Доколку мислите дека ви е потребно, по вкус додадете и од некои од следниве зачини: чубрика, ноктец, пушена црвена пиперка, сув лук и слични.
Сол и бибер
Малку ладно цедено маслиново масло
 
 
Начин на подготовка:
  
Најпрво, на тава за готвење поставена на средна температура, истурете малку маслиново масло и кога ќе се загрее, додадете ги ситно исецканите кромид и лук. Гответе додека не заруменат, а потоа додадете ги и претходно изреднадните моркови. Гответе додека добро нè омекнат.

 Убаво испасирајте го претходно добро исцедениот грав, а потоа додадете ја смесата зеленчуци која претходно ја пропрживте. Додадете ги и сите останати зачини, сол, бибер, како и овесот заедно со сецканиот, свеж млад кромид и соја сосот.

 Добиената смеса добро месете ја додека потполно не се хомогенизира или соедини. Поделете ја на плескавици со средна големина или според вашите потреби. Така подготвените плескавици потоа ставете ги во замрзнувач 30 минути или неколку часа на 5 степени во фрижидер.

 Откако ќе ги извадите плескавиците, оставете ги неколку минути, точно додека се загрее нелепливата тава за печење. Во тавата ставете малку маслиново масло и печете ги плескавиците неколку минути, еднакво од двете страни. Би требало 5-7 минути за една плескавица.
 
Туна плескавици
 
За овој рецепт, потребни ќе ви бидат:
 
2 конзерви туна на парчиња, исцедени од маслото
½ шолја магданос, ситно исецкан
½ шолја лебни трошки
1 главица црвен кромид, ситно исецкана
2 чешниња лук, ситно исецкани
2 страка млад кромид, исецкани
1 јајце
½ лажица чили зачин (ако јадете луто)
Доколку мислите дека ви е потребно, по вкус додадете и од некои од следниве зачини: чубрика, ноктец, пушена црвена пиперка, сув лук и слични
Сол и бибер
Малку ладно цедено маслиново масло
 
 

Начин на подготовка:
  
Најпрво, на тава за готвење поставена на средна температура, истурете малку маслиново масло и додадете ги ситно исецканите кромид и лук. Гответе додека не заруменат, а на крајот додадете го претходно исецканиот магданос.
 Убаво испасирајте ја претходно исцедената од масло туна или пак користете блендер за да добиете хомогенизирана смеса. Откако ќе го направите овој чекор, додадете ги претходно пропржените зеленчуци. Додадете ги и сите останати зачини, сол, бибер, како и лебните трошки, заедно со сецканиот, свеж млад кромид и јајцето.

 Добиената смеса добро месете ја додека потполно не се хомогенизира или соедини. Поделете ја на плескавици со средна големина или според вашите потреби. Така подготвените плескавици потоа ставете ги во замрзнувач 30 минути или неколку часа на 5 степени во фрижидер.

 Откако ќе ги извадите плескавиците, оставете ги неколку минути, точно додека се загрее нелепливата тава за печење. Во тавата ставете малку маслиново масло и печете ги плескавиците неколку минути, еднакво од двете страни. Би требало 5-7 минути за една плескавица.
  
Предлози за комбинирање: освен познатите бургери, ваквите плескавици можете да ги комбинирате и со пире или различни типови на хранливи салати, како табуле, медитеранска компир салата, салата од киноа семе итн.
 
 Извор: www.drmitov.mk