Љубовта и креативноста создадоа вистинска празнична бајка во ООУ "Григор Прличев"

 Времето  во кое сме затекнати  последниве девет месеци, со актуелната Ковид-пандемија, ни донесе многу грижи и неизвесност. Но, иако големо сивило надвиснало, ние не треба да се свиеме под него, туку да трагаме по сонцето и ведрината. Да создаваме моменти за паметење и  произведување насмевки и љубов, со кои ќе го  победиме и избришеме злото.

  Настан за поздравување, во ова време-невреме, кој беше креиран со таква цел – да создаде љубов и да грее срца, се случуваше изминатиов викенд во нашиот град.  Станува збор за Новогодишната викенд работилница, која по иницијатива на новоизбраниот претседател на Советот на родители Сашко Георгиески, а со голема поддршка од директорката Ивана Маховска - Шикалеска, ја креираа учениците и родителите од ООУ “Григор Прличев”. Тематската работилница резултираше со прекрасни изработки на украси и декорации кои сега го красат училиштето, создавајќи волшебно убава атмосфера каква што доликува во пресрет на Новата Година.



 Во пресрет на Новогодишните празници, а како дел од програмата во вакви вонредни услови на Советот на родители, по иницијатива на претседателот на Совет на родители на ООУ " Григор Прличев" Охрид, Сашко Георгиески, изминатиов викенд беше реализирана Новогодишна викенд работилница, во својот дом како соработка: родител –дете на тема: „Писмото до Дедо Мраз“ и „Снегулка што среќа носи“.




 Родителите и децата, со полна пареа твореа, изработуваа и креираа новогодишни украси со кои потоа низ двете тематски приказни училиштето доби празничен сјај.



Проектот ги опфати учениците кои посетуваат настава со физичко присуство од I, II и III одделение.



Беа декорирани ходниците од првиот и вториот кат и истите преку вредните раце на креативците, добија друга димензија на вистинска бајка.



 Пораката е јасна: „ Да се радуваме и кога ни е најтешко и тогаш кога мислиме дека е сивило и темно... Светлината од Новогодишната магија на сите ученици од нашето училиште и тоа особено во ова време - невреме нека им донесе здравје и среќа, со желба побрзо да помине ова премрежје и следната 2021 да започне со убавини, радости и нови успеси. 



Кога овој магичен триаголник на соработка: училиште- ученици- родители функционира во својот најблескав сјај, неизбежни се овие мигови...



Бидејќи, нели.... секогаш за ДЕЦАТА се работи ❤