Нови цени за паркинг во централното градско подрачје

 На ден 20.10. 2020 година до јавното претпријатие “Билјанини Извори” пристигна барање од Здружението на угостители “Охридски еснаф” со број 03 802/1. Во Барањето здружението сугерираше промена на тарифата за паркинг која се однесува на централното градско подрачје поради моменталната ситуација со Ковид – 19 и последиците и загубите кои секојдневно ги генерираат угостителите.

 Со позитивниот одговор здружението смета дека дополнително ќе се зголеми посетеноста на угостителските објекти што во извесна мера би ги ублажило негативните ефекти во нивното работење.
 
Управниот одбор на ЈП “Билјанини Извори” го разгледа дописот од угостителите на состанокот одржан на ден 22. 10. 2020 година и донесе одлука да се прифати барањето за намалување на цената за паркинг во централното градско подрачје и тоа во Премиум зоната за периодот до 25 декември.

 Со одлуката се утврди и предлог нова цена за наплата во Премиум зоната и таа да изнесува како во А зоната односно 30 денари за 1 час паркинг.
 
Со одлуката на Советот на Општина Охрид бр. 08-9790/40 од 09. 11. 2020 година за дополнување на одлуката за утврдување на цени за користење на паркинг простори со кои стопанисува претпријатието се потврди донесената предлог одлука на Управниот Одбор, и од денес започнува нејзината примена со што еден час паркинг во Премиум зоната ќе се наплаќа по 30 денари. Оваа одлука има важност до 25 декември.
 
ЈП “Билјанини Извори” и во овие тешки моменти за сите вклучувајќи најде разбирање за проблемите на угостителите и одлучи да излезе во пресрет на нивното барање така што се надеваме дека оваа одлука и соработка ќе придонесе во насока на ублажувањето на негативните ефекти во нивното работење поради Ковид-19.