Смути од банана и ѓумбир - за потенка половина

 Ако сте во потрага по хранливо, вкусно, но и здраво освежување, смути напитокот од банана и ѓумбир е вистинскиот избор за вас.

 Ќе го направите многу лесно и брзо, а ќе ви бидат потребни само компоненти што лесно се наоѓаат и немаат висока цена на чинење, како што се свеж ѓумбир, банана, спанаќ и некаков вид на смрзнато бобесто овошје.
 
Потребни состојки:

◦ 2 лажички мелено ленено семе
◦ околу 100g смрзнато бобесто овошје – може да користите малини, јагоди, капини, боровинки, по желба
◦ 1 банана со средина големина
◦ 1 голема лажица свежо изрендан ѓумбир
◦ околу 100g спанаќ
◦ лед – по желба
 
 
Начин на приготвување и употреба:

◦ Ставете ги состојките во блендер и блендирајте додека не добиете конзистенција според ваш вкус. Додадете вода ако сакате пијалакот да биде поредок.
 
◦ Консумирајте го како смути напиток, а можете да го комбинирате и со овесна каша или друг вид житарки за доручек. На тој начин ќе имате уште понутритивен оброк.
 
◦ Можете да го употребувате до неколку дена, секако со соодветно чување во фрижидер.
 
Нутритивна вредност:

◦ околу 200 калории
◦ низок процент, но здрави маснотии од лененото семе, вклучително омега 3 масни киселини
◦ висок процент на растителни влакна
◦ витамини од Б групата
◦ витамин К, Ц, А итн.
◦ богата минерална содржина: калиум, магнезиум, железо, манган, цинк и многу други во помали количества.
◦ низа фитохемикалии и антиоксидативни компоненти
 
На кои сé начини ќе делува оваа комбинација од намирници во однос на вашето здравје?
Секоја од состојките на овој смути напиток поседува импресивни својства, па лесно е да се претпостави дека нивната комбинација ќе има уште посилни позитивни ефекти, како:
 
 
• Помош при слабеење и погодна храна при дијабет
 
Овој смути напиток ќе ви помогне во процесот на слабеење. На кој начин?
 
Секоја од состојките е нутритивно сконцентрирана храна, односно храна богата со хранливи материи, а со помала калориска вредност. Дополнително, речиси секоја од компоненти има солидни количества растителни влакна. Бананата на пример, содржи висока концентрација на недигестибилен скроб. Ваквата храна има низок гликемиски индекс, што е од голема важност за дијабетичарите.
 
Знаеме дека растителните влакна се од голема помош при слабеењето, го намалуваат гликемискиот индекс на внесената храна (помали шеќерни пикови), го врзуваат холестеролот и водата од дигестијата, на тој начин потикнувајќи продолжено чувство на ситост.
 
• Импресивен микронутритивен состав

Најпозитивната страна на смути напитоците е тоа што речиси сите се сконцентриран извор на микронутриенти. Ова значи дека преку ваквите пијалаци можеме многу поедноставно и полесно (често и повкусно) да ги внесеме потребните количества  микронутриенти.
 
Микронутриентите се компоненти кои се есенцијални, односно мораме да ги внесуваме во помали количества за правилно функционирање на организмот – најчесто тука се мисли на витамините, минералите.
 
Секоја од компонентите содржи навистина пребогата листа на витамини, минерали и останати фитонутриенти. Како пример, бобестите овошки се најбогатиот извор на витамин Ц, спанаќот на витамин К, витамин А, железо, фолна киселина, бананите на витамин Б6, калиум, манган, ѓумбирот –магнезиум, цинк, Б витамини итн.

• Антиоксидативно смути

Свежиот ѓумбир сам по себе ги содржи можеби најмоќните антиоксиданти воопшто најдени во храната – пред сé потентниот гингерол, но и низа други терпени, полифенолни антиоксиданти, флавоноиди итн итн.
 
Дополнително, сите други компоненти се одличен антиоксидативен извор – ленено семе (лигнани), банана (допамин), спанаќ (лутеин и зеаксантин), бобести овошки (антоцијанини). Лененото семе е богато и со омега 3 масни киселини, кои меѓудругото, исто така имаат моќно антиоксидативно дејство.

Антиоксидантите се одбранбениот механизам на телото од слободните радикали – штетни компоненти кои постојано се продуцираат како метаболитички отпад во телото и оксидативно ги оштетуваат неговите различни клетки, ткива и на крајот органи. Организмот има механизми самиот да продуцира одреден процент на потребните антиоксиданти, но тие треба да се внесуваат и преку исхраната, како што е овој смути напиток, на пример.
 
Постојаните оксидативни оштетувања, водат до процеси на хронична инфламација или воспаление, кое пак на подолг рок е една од главните причини за развој на хроничните заболувања.
 
 
• Дополнителни позитивни ефекти
◦ помош при гадење, повраќање и дигестивни проблеми
◦ помош при киселински рефлукс
◦ намалување на маснотиите во крвта
◦ подобар имунитет
◦ подобра инсулинска сензитивност
◦ подобро здравје на очите
◦ подобро кардиоваскуларно здравје
 
 
 
Извор: https://drmitov.mk