Елементарна (не)култура - што беше тоа?

  Ова е сликата на нашиот, македонски бисер  утрово. 

 Охрид деновиве е преплавен од домашни гости, и секако дека тоа има своја убавина, кога луѓето уживаат и се насладуваат на се што нуди градот. Секоја им чест на оние кои доаѓаат со сета своја пристојност, и така и си заминуваат од градот. 

 Но, овој перио - околу Илинден, вообичаено е период на многу фестивали, забави, журки за младите.

 Годинава, иако поради пандемијата со Covid-19, таквите настани се откажаа, сепак младите гости го преплавија Охрид. Иако нема јавни концерти, тие си организираат сопствени забави, излегуваат до раните утрински часови не само на локации во стариот дел на градот, туку и покрај кејот, во градскиот парк, на јавни и значајни локации каде уживаат во своите пијанки и лудории.

 Сето тоа можеби ќе беше оправдано, или за разбирање (сепак, се на одмор, треба да бидат опуштени, да уживаат), но доколку се случуваше во рамки на култура, свест и совест за она што младите оставаат зад себе. Отсуството на елементарна култура, за жал, ја труе младината, па, еве ги резултатите. Најлошо од се, не само што го загадуваат градот, туку го ризикуваат и сопственото здравје, во период кога треба максимално да се внимава на личната хигиена и социјалната дистанца. 

 Фотографиите кои утрово на својот фејсбук профил ги објави првиот човек на ЈП Охридски Комуналец, Љупчо Грданоски, зборуваат многу повеќе од кажаното.