Излезе од печат "Форми во создавање" - првообјавена стихозбирка на Љубица Шопова

 Деновиве од печат излезе „Форми во создавање“, првата стихозбирка на Љубица Шопова, во издание на ПНВ Публикации.
 
За книгата, Владимир Мартиновски вели: „Поетскиот првенец на Љубица Шопова, насловен „Форми во создавање”, претставува концептуално доследно осмислено, поетички зрело и мајсторски заокружено поетско остварување.
Во секоја песна на Љубица Шопова се излегува од „зоната на комфорот” на готови и испробани поетски формули.“
 
Додека, пак, Ана Голејшка Џикова ќе подвлече: „Она што плени во дебитантската стихозбирка на Љубица е тоа што сѐ што е напишано е тука за да се создаде, за да излезе, да се испили од големиот облак што наутро ѝ цеди кафе, на средбата со себеси.
Низ песните, Љубица ја раскажува прогнозата за животот, преку силните (раз)врски со семејното јадро, мајчинската топлина, ритуалите со таткото, врската со она што е внатре, во домот, но и предизвикот свртен кон надвор, кога времето истекува низ годините. Притоа, темите се како месо, крв и роботика – песните функционираат на ниво со современото употребување социјални медиуми, компјутери, алатки што го поврзуваат човекот со иднината, со она што е форма на ново создавање, нова креација.“
 
Во продолжение, избор од неколку песни од стихозбирката:
 

 
Апстракт(но)
 
Не знам на што се однесува ова
и кој ќе биде заклучокот.
Ниту дали ќе биде текст или песна.
Зборовите имаат ограничен рок на употреба
и неограничен тек на мислата,
а јазикот цврсто е втемелен помеѓу.
Од пенкалото до тефтерот
еден куп приказ(н)и, тези, контрааргументи
и една (за)мисла што чека да излезе на хартија.
Од еден до друг крај,
меѓу букви, редови, зборови,
недовршена слика на штафелај,
нечија сенка или во нечија сенка,
ничија форма, секаде присутна.
Аспекти сме на нечија точка на гледање.
 
Најава
 
Март е, а сѐ уште
се чувствува мирисот
на снегот во ноември
што ја најави зимата.
 
 
 
Undo
 
Во корпата за отпадоци
заскитаните мисли одлетале намерно или по грешка
како гуштерот што влегува во дневната соба
низ малите отвори на ролетната.
Непоканет, заскитан во непознат правец.
Го фаќам за опашката како да притискам undo
и го фрлам
низ прозорецот таму кај што припаѓа,
како и заскитаните мисли
во корпата за отпадоци.

 
Геометриски претпоставки
 
Кога би се качила на Кораб,
хипотетички, тогаш
хипотенузата ќе стане една рамна линија
наместо дел од геометриска слика.
 
Аглите ќе се заоблат
и повторно сѐ ќе се врти во круг.
 
Во кругот, со шестари в рака
луѓето го бараат својот епицентар,
боцкаат во туѓи срца или нечие постоење,
а јас со линијар, повлекувам црти,
несвесно исцртувајќи нечии патеки,
кон врвови, бездни или рамнини.
 
Надвор од кругот, во други тела и форми,
се оправдува смислата на обликот,
што се менува, со сопственото исцртување,
без шестари и линијари,
едноставно, со поглед кон (не)освоените врвови.
 
 

 
Средба со себе
 
Се сретнав по патот на кафето
со горчлива голтка и залак слатко,
потоната во талогот
на дното од филџанот.
 
Од топлината на кафето
испаруваат сите отрови
потенцијални гревови
премолчени зборови
што го обременуваат зрното грашок
во центарот на черепот.
 
Се родив одново во одразот
на кафето во филџанот
како неразбранувано Црно Море,
мирно, со неоткриени
подводни струења,
што чекаат да излезат
некаде на површината.
 
 
Форми во создавање
 
Силна сум на зборови,
а и делата не се
за потценување.
Со секое потпишување на името
се спасувам од исчезнување.
Запишано е.
Форма сум во создавање,
облак на доаѓање и заминување.
Вода од сончев зрак
на испарување.
Флека на асфалтот,
капка мастило на хартија,
точка, запирка, збор, одговор,
без интерпункиција во искажување.
 
 
 

 
  Љубица Шопова е родена 1985 година, во Скопје. Магистрирала на Економскиот факултет во Скопје на тема од областа на бихејвиористичката економија, што воедно се вбројува во пионерските трудови од таа област. По подолга пауза, повторно се навраќа на пишувањето поезија на еден неформален поетски настан во Старата скопска чаршија во 2015 година. Оттогаш, неколку пати свои стихови чита во рамките на поетските собири „Астални проекции“ и работи на обликувањето на својот поетски израз. Нејзини песни се објавени во изборот песни од иницијативата „100.000 поети за промена“, во списанијата „Современост“ и „АКТ“, во неколку електронски поетски збирки и во арт-панорамата „Допир“.
Во мај, 2019 година учествувала на меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри“ во Гостивар, а нејзините песни беа во најтесен избор од десетте најдобри учесници. „Форми во создавање“ е нејзина прва стихозбирка.