Од печат излезе стихозбирката "Бездомни песни" од естонскиот поет Илмар Лехтпере

 Деновиве од печат излезе стихозбирката „Бездомни песни“ од естонскиот поет Илмар Лехтпере, а во издание на ПНВ Публикации. Препевот од англиски е на Јулијана Величковска.
 

Стихозбирката се состои од триесетина песни, поделени во два циклуса: „Селки“ и „Соѕвездијата постојано се менуваат  ̶ љубов и Алцхајмер“.
 
За книгата Славе Ѓорѓо Димоски рече:
 
„Во песните на Илмар Лехтпере се чувствува вистинска животна драма и тие ја носат целата тежина на личното искуство. Тие меѓусебно суштински се поврзани и во таа поврзаност поетот ја исповедува својата интима, но внимава на контролирана јасност со што воспостава дијалог со една присутна неприсутност (Соѕвездијата постојано се менуваат – љубов и Алцхајмер). Со тоа поетот ја потврдува силната потреба поезијата да биде глас на внатрешната вистина.
 
Станува збор за поезија што ја препознава недвосмислената и силно присутна стварност што го обзема секој човек поединечно. И затоа овие песни лесно се лепат за читателот.“
 
Во продолжени за Вас издвоивме неколку песни од книгата:
 
 

 
СЕЛКИ
 
 
1
Длабоко во твоите очи
очи без дно како на селки
морето лежи отворено
како книга
страниците се вртат на ветрот
бран
по бран
 
 
2
Оставајќи ја облеката зад нас
понесени сме од брановите
што пулсираат низ моите прсти
и мрежичките помеѓу твоите
Тогаш моја селки
ме поведуваш во
длабокото
во тајните места
на морето
 
 

 
***
 
Најлесно се движиш
помеѓу животни и деца
Ја држиш нивната радост во своите раце
како јајце
Животот блескоти во
кршливата лушпа
Ти си дете меѓу децата
една од стадото
и дури и бикот
ја положува својата глава
во светоста на твоите раце
 
 

 
***
 
Честопати ги бараш мајка ти и татко ти
и прашуваш како се
Порано те потсетував
дека се мртви
 
Се чудеше
како е можно да го заборавиш тоа
 
си мислев
дека тоа е една од работите
за кои морам да бидам искрен
 
Но тогаш почнуваше да реагираш
како да го слушаш ова
за првпат
 
Ме праша
зошто не ти било кажано тоа
и дали веќе се одржале погребите
 
Сега кога ќе прашаш
како се твоите родители
Ти велам добро се
 
И се надевам
дека не лажам

 
***
 
Гледаш низ прозорецот
и очите ти се замаглуваат
Полека облаците се распрснуваат
и за миг
Од јасното синило
заросуваат капки
Имав толку многу пријатели
Каде се изгубија сите?
 
Наместо одговор можам само
да те гушнам
и да лажам
 
Бидејќи вистината е премногу болна:
Боледуваш од Алцхајмер
Но ти си таа
што е заборавена

 
***
 
Вирусот не ни дозволи да се сретнеме повторно
Наместо тоа подмолно се пикна во старечкиот дом
и те зеде во своите канџи
 
Но пред крајот
болницата се смилува на нас
и ме повикаа да бидам со тебе
за време на твоите последни часови
 
Тие часови станаа два дена
 
Ти ја држев раката цврсто за сето тоа време
обидувајќи се да те утешам
додека тивко се бореше со неискажливите болки
мачејќи се да дишeш
 
Во текот на тие два дена
очите ги отвори само еднаш
Зјапаше поспано низ собата
сѐ додека не ме виде
 
И се насмевна
 


 
 ИЛМАР ЛЕХТПЕРЕ е естонски поет и книжевен преведувач. Превел дваесетина книги од естонски на англиски јазик, особено концентрирајќи се на творештвото на Кристиина Ехин, чиешто дело во негов превод има освоено бројни награди, меѓу кои и наградата од Поетското друштво „Попеску“ за европска поезија во превод, при што била препорачана како книга за превод, а била и номинирана за уште една „Попеску“ награда.
Неговата лична поезија, заедно со песни од Сејди Марфи, е објавена на англиски јазик во книгата „Талкање пред зори“. Книгата е  преведена на македонски и романски јазик, а одделни песни се објавени и на ирски.