Еве кои се најновите одлуки донесени на денешната седница на Владата

На денешната седница на Влада, согласно препораките на Комисијата за заразни болести, се донесени  следниве одлуки со цел брза и ефикасна реакција за спречување на ширењето на коронавирусот: 

- Се воведува целосна забрана на движењето на сите граѓани во Скопје (сите скопски општини), Куманово, Липково, Штип, Тетово, како и Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце, почнувајќи од четврток (4 јуни) од 21:00 часот до понеделник (8 јуни) до 05:00 часот.

- Во сите останати градови, се забранува движење на сите граѓани од четврток (4 јуни) од 21:00 часот до петок (5 јуни) до 05:00 часот наутро. Во сите останати општини, во петок, сабота, недела забраната започнува од 16:00 часот и трае до следниот ден до 05:00 часот наутро.

- Петок (5 јуни) се прогласува за неработен ден за сите граѓани.

- Во периодот од четврток (4 јуни) од 21:00 часот до понеделник (8 јуни) до 05:00 часот, се забранува посета на гробиштата на територијата на цела држава, освен во случај на погреби.

- За земјоделските активности, дозволено е движење во рамки на територијата (атарот) на селата, исклучиво за работните потреби.

- Аптеките ќе работат непречено, а Министерството за здравство ќе изработи план за непречена работа и на здравствените установи.

- Исклучоците од забраната за движење важат за полицијата, армијата, здравствените работници (во ЈЗУ и ПЗИ, како и матичните лекари) и за маркетите и рестораните кои вршат достава на производи, при што тие своите ангажмани ќе ги реализираат непречено.

- Остануваат да важат сите издадени дозволи за движење за време на претходните забрани за движење кои беа воведени, особено за економските оператори и за работа организирана во смени.

- Прошетката на милениците (кучињата) ќе биде во периодите 08:00 до 8:30, 15:00 до 15:30 и 20:00 до 20:30 часот.

- Забраната за движење не важи за лицата со попреченост и за нивните придружници доколку имаат соодветна документација.