Излезе од печат "Достава до дома" од исландската поетеса Сигурбјорг Прастардотир

 Деновиве, од печат излезе стихозбирката „Достава до дома“ од Сигурбјорг Прастардотир, во издание на ПНВ Публикации, во рамки на едицијата „Гравири“. Изборот и препевот од англиски се на Јулијана Величковска. Изданието е објавено со поддршка од Исландскиот литературен центар.
 

 Преку книгата „Достава до дома“ од Сигурбјорг Прастардотир македонската литературна јавност за првпат ја има можноста да се запознае со современата исландска поезија. Книгата на Прастардотир содржи песни со изнијансиран јазик, со луцидно размислување и раскошна имагинација, култивирана во најдобра смисла на зборот, песни со извонредна прецизност... За македонскиот читател отвора нови возбудливи простори, нè соочува со светот на природата (од север) во која го наоѓа искуството на модерниот промислен поетски говор за елементите по прашањето на моменталната егзистенција: од молк до гнев, од кризата на комуникациите до апсурдот на урбаната самотија. Деталите на камерниот свет што обилува во овие стихови се глас на секојдневието, глас што зборува за стварноста и ја открива универзалната драма на модерниот човек.
Книгата е исполнета со силни, впечатливи слики, што можат да се следат со извесна наративност, но и звучната димензија го збогатува страсното кажување како исповед на секојдневието и длабоко проживеаното искуство.
Книга што воодушевува!
 
                                                                                                                                          Славе Ѓорѓо Димоски

 
 Што може да се направи со зборот и со искуството? Ни помалку ни повеќе ‒ револуција. Не каква било, туку револуција од: страсти, сеќавања, патувања, патења, преточена во поезија. И тоа не каква било: и искуствена и експериментална, и лирска и раскажувачка. Сигурбјорг Пастардотир ви ја доставува до дома. И тоа не како било, туку на точак. Повелете!
 
                                                                                                                                           Лилјана Пандева




 
  Сигурбјорг Прастардотир (Исланд, 1973) е автор на осум стихозбирки, два романа, неколку збирки со ултракуси раскази и неколку изведени драми. Нејзината стихозбирка „Маршеви на факли“ (Blysfarir) била номинирана за Наградата за литература од Нордискиот совет во 2009 година, а ја освоила Исландската награда за литература за жени  ̶ Fjöruverðlaunin. Потоа била објавена во Германија и во Шведска. Нејзините песни се преведени на десетина јазици, од фризиски до француски јазик. Соработува со многу фотографи и композитори и редовно пишува колумни за неколку електронски и печатени весници во Исланд.



достава до дома
 
 
човек со точак
ми влегува во дневната соба
од големите уши му капе
масло за коса
има голем нос и скинати ногавици
слегува од точакот
има голема уста, а не вели ни збор
маслена дамка на подот
можеби престанав да ги разбирам луѓето, ама
што сака овој човек?
помислувам да го понудам со сок од јаболко
и тогаш ја нарушува тишината
со шашливите очи разгледува наоколу и вели:
да, вие нарачавте револуција?





Кокаин
 
 
Зимата шмрка долги
црти
брашнест снег во ноздрите

 



директни описи
 
 
мислам дека сè
што може да се каже за океанот
е веќе кажано
 
сакам да го заменам зборот рај
со меше
 
не се согласувам
дека очите искрат
мислам дека пловат
 
не мора да е тоа на крајбрежјето
(оти бесмислено е да се алудира на океанот)
порадо би си дремнала
под непознато меше
и малку повеќе размислувам за нафтените ресурси
 
имам убодна рана на левиот бут
што не можам да ја опишам
 
другар ми еднаш имал
операција на слепо црево
и рече дека било
како
пораѓање