Св. 40 Маченици - Младенци

Денес се празнува Младенци,  еден од поголемите христијански празници од пролетниот циклус каде што се слави споменот на четириесетте војници од Севастија кои маченички загинале за христовата вера.

 Младенци ги слават сопружниците во првата година од бракот, оние кои се венчале после 22 март претходната година. Се верува дека „Какво е времето денес, такво ќе биде цела пролет“. Младенци секогаш паѓа во периодот на Великиот пост. Во Македонија најпознат е обичајот Чет'рсе од Штип кој е прогласен за значајно културно наследство во Македонија и дел од нематеријални добра на репрезентативната листа на заштитени добра на човештвото на УНЕСКО.

Житијата за Светите четириесет маченици како и повеќето народни преданија за нив меѓусебно малку се разликуват, но во сите се зборува дека четириесетте војници од Севастија маченички загинале не откажувајќи се од христијанската вера. Во 320 година четириесет војници од еден полк во Севастија је одбиле наредбата да се поклонат пред римските идоли и да им принесат жртви. Кога изјавиле дека тоа го прават бидејќи веруваат во Исуса Христа најпрвин биле повикани кај градоначалникот и биле убедувани да се откажат од христијанството и да му се вратат на идолопоклонството, а кога тоа го одбиле биле затворени, мачени и изведени пред суд. Биле осудени цела ноќ да стојат во вода што смрзнува. Во близината имало бања со топла вода, а на војниците им било речено дека ако некој се предомисли и се откаже од Исуса Христа да појде во бањата каде што го чекаат топла вода и вкусни гозби. Но момчињата храбро ги издржувале страдањата, молејќи се на Исуса и меѓусебно храбрејќи се. Само еден од нив не можејќи да издржи во водата што смрзнувала тајно го напуштил базенот и се упатил кон бањата, но на самиот влез во неа починал.
 Ноќта сите стражари заспале, само еден останал буден. Во еден момент тој забележал светли венци над главите на војниците и бидејќи бил христијанин веднаш влегол во водата молејќи го Бога и нему да му даде таков венец. И навистина набргу над сопствената глава забележал ист таков венец. Утрото измрзнатите војници ги натовариле на кола и ги одвеле надвор од градот каде што ги запалиле.

 Во минатото овој празник во Македонија го празнувале не само македонското христијанско население туку и муслиманското кое го именувало како „Султан Нефруз“. Очигледно е дека во минатото во Македонија со празникот „Свети четириесет маченици“ биле поврзани голем број обичаи и верувања. Еден дел од нив се поврзани со споменот за Светите 40 војници од Севастија, а другите со пролетната рамнодневица, со денот на пролетта и повторното оживување на природата.

Празникот на Светите 40 маченици, познат во народот и како Маченици  а најчесто како Младенци се држи како тежок празник и тогаш ништо не се работи. На овој ден се вели дека и пилците не правеле седело.