Фото на насловна - Охрид во 60-те години на минатиот век

 Фотографијата која деновиве ќе ја краси нашата насловна страна, е панорама на Охрид од 60-те години на минатиот век. 

 Фотографијата за јавноста ја постираше нашиот сограѓанин Милчо Георгиевски, а во нејзиниот опис еве какво го претстави некогашниот Охрид: 

"Воздушна снимка на Охрид, некаде од втората половина на шеесеттите години на минатиот век. Време кога сѐ уште постоеја "Белви" и "Турист", дрвената платформа на плажата пред "Палас" сѐ уште е тука (беше уништена во силното невреме во 1968), а и дебелите сенки на старите тополи по кејот.

 На пристаништето функционираше пливалиштето, а во него и во езерото долж кејот немаше стотици бродови и бротчиња, катамарани, кајчиња и разно-разни пловни канти. "Палас" беше во полн сјај и претставуваше центар на забавата во градот, особено во летниот период.

 На полигонот за мали спортови уживавме во мајсториите на ракометарите на "Електромонтажа" кои во тоа време се натпреваруваа во втората југословенска сојузна лига и, иако на отворено, на подлога од асфалт, по студ, ветер и дожд, постигнуваа одлични резултати, а за време на натпреварите Раиф ни продаваше "Оландско Јупи". Нешто подоцна на истото место во живо ги гледавме Киќановиќ, Славниќ, Далипагиќ и пајташите од тогаш можеби најсилната европска кошаркарска лига, југословенската, во рамките на летниот кошаркарски турнир.

 Тука е и стариот породилен дом "кај Германа" и домот на ЈНА каде што одевме во кугланата или да играме билијар, тука е и старата автобуска станица, и старата зграда на поштата. Низ целиот град има многу зеленило, многу дрвја, паркови, бавчи и други зелени површини кои сега, за жал, ги нема во тој број и заради тоа се гушиме во смог и чад. Единствено на фотографијава (за наша среќа во тоа време) ги нема многубројните градби изградени на секоја педа земја (диви или питоми, сеедно), кафулиња, ресторани, тераси и платформи со кои денес е оковано езерото."