Најнаградуваната книга за деца и големи „деца“ на Бардур Оскарсон ̶ „Дрвото“, објавена и на македонски!

 Деновиве од печат во издание на ПНВ Публикации од Скопје излезе најнаградуваната ислустрирана книга за деца од авторот Бардур Оскарсон. Книгата од англиски ја преведе Јулијана Величковска.
 
„Дрвото“ ги има освоено: наградата за литература за деца и млади од Нордискиот совет во 2018 г., наградата за литература за деца и млади од Западниот нордиски совет за 2018 г., а беше наведена и на Меѓународната селекција на Белите гаврани во 2018 година, наградата за книги од MGIP (Мотовун - група интернационални издавачи) во 2017 г. и Сребрената награда од ICMA (Меѓународна награда за креативни книги) во 2017 г.
 
Оскарсон ни раскажува за двајца пријатели, Хилберт и Боб. Зајакот Боб се прашува што ли има зад едно дрво во далечината. Што би можело да има таму? Еднаш дури и се осмелил да оди дотаму, но пред да успее да види што било, наишло куче и тој морал да избега. Но, оттогаш, неговата љубопитност, но и мислата за непознатото не го оставаат на мира. Сепак, не е сигурен кога повторно би собрал смелост да оди таму. Но, на негово големо изненадување, неговиот дотогаш добро познат пријател  ̶  кучето Хилберт, му кажува нешто толку неверојатно, што Боб не е сигурен дека во нешто такво може да поверува.
 
Приказната за Боб и Хилберт е илустрирана со карактеристичните минималистички, чувствителни потези на Бардур Оскарсон. Експанзивните, скоро монохроматски површини овозможуваат простор за медитација и се фокусираат на експресивниот говор на телото на двајцата пријатели за време на нивната необична средба среде сивото еднообразие на секојдневието, каде што небото е последната граница, а дрвото веќе изгледа подалечено од кога и да е.
 
Дрвото е книга за стравот од непознатото, за немирот во наводната едноличност на секојдневието, за нашите внатрешни битки и за нијансите на пријателството.“ – Јулијана Величковска
 
 
Бардур Оскарсон (1970) е автор за деца и илустратор од Фарските Острови. Автор е на седум свои книги, но илустратор е на многу други книги за деца и книжевни списанија за деца.
Неговите дела се преведени на сите светски јазици, а конечно, откако минатата година беше објавена „Сплесканиот зајак“, веќе имаме можност да се насладуваме и на неговата најнаградувана книга за деца – „Дрвото“!