Излезе од печат "Молкот на зборовите и времето" - втора стихозбирка на Денис Апостолов

 Деновиве од печат излезе втората стихозбирка на Денис Апостолов   ̶ „Молкот на зборовите и времето“ во издание на ПНВ Публикации од Скопје.

„Ова е книга пишувана под ведро небо, во ситни часови... ѕвездена, метафизичка, љубовна... Стихови за патувањето навнатре (за да се спознаеш) и нанадвор (за да можеш да љубиш), како дишење. Стихови пишувани под силно влијание на надреализмот во литературата, но и во сликарството. Поезија што допира до најтемните понори на битието...“  ̶ Јулијана Величковска


Во продолжение, неколку песни застапени во стихозбирката:


Гримасите на архангелот што чмае гледајќи ме
  
Ветрот се откажува.
Инсектите запираат.
Само мртовците се лулаат спокојно.
 
Се колебаат и хаосот, и штамата, и виделото.
Слушам чекори зад мене.
Всушност, се приспособувам на себе.
Ова утро петлите го прославуваат неспокојството.
Моето детство беше исполнето со цитирања милосрдности.
Изворите и засолништата беа мошне далеку.
Најверојатно, ми недостасуваа желби и утеха.
 
Се шират празнините во нашите легла.
Бесконечен збир на квечерини со мирис на исплукана крв.
 
Пронајдов плуг со кој ќе ја запрам намерата на Земјата
да молчи за она што не е во веронауката.
 
Благословените релјефи ги губат моите траги.
Разумните атмосферски динамики
престануваат да ми ја следат бестелесноста.
Зафатен сум со ужасни сеќавања.
Со она поради коешто луѓето умираат.
 
Жеднеам за длабочини и далечини
каде што кроткоста на недоискажаните ѕвона
ќе ујдиса за мене
некој нов збор, со кој ќе си го смирам своето битие.
 
Навистина, не знам.
А сакам сè да знам. Сè за сите сонца.


Кога ќе ја разбереш измамата, веќе ќе биде доцна
  
Не сакаш за тоа да знаеш,
не сакаш за тоа да зборуваш, сепак,
преплашен, повикуваш мртви,
за да се увериш дека жив е светот околу тебе.
А тој, ти намигнува
и со насмев ти подава клепсидра од крв
што ќе ти ја мери грандиозноста на болката.
 
Сатано, верувам дека нешто криеш,
дека не ја разбравме добро твојата исповед.
Мора да си несреќен штом толку често те обвинуваат.
 
 
Избезуменост
 
Сонцето одбива да се сврти
кон она што е по животот.
Кон она што е пред смртта.
 
Изразот на моето лице!
Преобразбите на мојата крв!
Сакаат да умрат заедно со мене
неколку сонети за пориви и привиди.
 
Ќе го пронајдам ли тоа знаме што се вее
по секое крвавење, по смртта на љубовта?
 
Што ѝ носам на иднината?
 
Она што допрва треба да го сонувам
веќе е пцовисано или јагленосано.
 
О, свету!
Можеш ли да ме почувствуваш?
Можеш ли, воопшто, да чувствуваш?
 
 Денис Апостолов (1985) дипломирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности. Живее и работи во Пробиштип. Автор е на стихозбирката Пловејќи кон зајдисонце (2018, Ѓурѓа). Ова е неговата втора објавена стихозбирка.