Европскиот бестселер „Човекот што зборуваше змиски“, од Андрус Кивирахк конечно и на македонски

  Деновиве од печат во превод на македонски јазик излезе еден од најпознатите европски бестселери, романотЧовекот што зборуваше змиски“, од естонскиот писател Андрус Кивирахк.  Изданието е на ПНВ Публикации, а истото е објавено со помош на „Културната поддршка на Естонија – КУЛКА“. Книгата од англски јазик ја преведе Јулијана Величковска, а цртежот на корицата е дело на Воскресија Андреевска.
 
Оваа книга е толку многу сакана во Естонија што според неа направена е дури и популарна игра со табла. Доживеа феноменален успех во Европа и во Северна Америка и е една од најпродаваните естонски книги на сите времиња! Преведена е на англиски, германски, шпански, француски, холандски, латвиски, чешки, германски, унгарски, дански, руски, а сега и на македонски јазик.
 

 
 Ова е приказна за момчето Леемет, жител на една естонска шума во времето на средновековна Европа, кој има за задача да ги зачува древните традиции на прагот на модерното време. Приказна полна фантастика и естонски фолклор и традиција.
 
Леемет е последниот човек што го зборува древниот змиски јазик, јазик со кој може да комуницира и да управува со животните. Последен е оти шумата постепено се празни, луѓето се преселуваат во селата, почнуваат да работат и да се мачат обработувајќи земја и да одгледуваат жито за „леб“ (храна за која во шумата се вели дека е грозна) и каде што му се молат на бог многу поинаков од самовилите што дотогаш биле обожувани во светата корија. Приказна во која се трага по величествениот Северен Жабок, во која мечките ги заведуваат жените, волците се домашни животни, змиите и луѓето се браќа, а границите на реалноста и фантастиката се невидливи...
 
Приказна за изумирањето и крајот на епохите. Остра критика на човечката глупост, на помодарството и постојаното жалење по некој одамна згаснат начин на живот, критика на суеверните и религиозните фанатици, на сервилната природа на малите народи кон западните вредности, почнувајќи од стариот Рим па сѐ до ден денес...
 
Книга за љубовта и пријателството, за семејните вредности и за загубите... За потрагата по смислата на животот додека околностите постојано се менуваат...
 
И сето тоа раскажано со многу леснотија и со исклучителна смисла за црн хумор!
 

 
 Андрус Кивирахк (1970) е еден од најплодните, најиновативните, најсаканите и најценетите современи естонски писатели. Овој новинар по професија, пишува раскази, колумни, памфлети и драмски текстови, книги за деца и романи. Неговите дела изобилуваат со сатира и црн хумор, но и со нежна чувствителност, па на читателот му будат насмевки низ солзите. Кивирахк постојано се интересира за историјата како фикција, како мит врз кој се заснова и се гради народната свест, но сепак, историските факти сосем малку го интересираат, неговото мајсторство се состои во тоа што умее да ги разоткрие и најскриените слоеви на локалниот менталитет.
 
По неговиот роман „Ноември“ (2000) снимен е и истоимениот долгометражен филм во 2017 година, а по „Човекот што зборуваше змиски“, (2007), направена е и игра со табла. Неговите дела се преведени на сите поголеми светски јазици. „Човекот што зборуваше змиски“ е негово прво дело на македонски јазик.