На денешен ден, во Самобор, Хрватска, беше објавена "Бели мугри" од Кочо Рацин

 На 25 ноември  1939 година во гратчето Самобор, во непосредна близина на Загреб во Хрватска, во печатницата на Драгутин Шпулер, излегла од печат збирката песни „Бели мугри“ од македонскиот поет и револуционер Кочо Рацин.

 Стихозбирката била испечатена во 4.000 примероци. Според вообичаената комунистичка практика, насловот бил испечатен со црвени букви, а поради опасноста да се дознае идентитетот на авторот, Коста Солев ја објавува под псевдонимот „К. Рацин“.

 Збирката претставува извонредно крупен настан во културната и политичката историја на македонскиот народ и пошироко. Тоа е врвен дострел на Рациновото творештво. Дело неделиво од неговиот живот и неговото класно и национално определување. Дело со кое ги потврдува можностите за изразување и на најсуптилните чувства на јазикот кој бил забрануван и одрекуван. Творечки се потпира врз достоинството што ги носи македонското народно епско и лирско творештво збогатени со сопствен творечки однос. Се создава поезија изворна и своевидна, автентична и длабоко доживеана со јазик на убавината. Со полна поетска сугестивност и емотивност ги изразува црнилата на животот на македонскиот човек и вечните стремежи на човекот за подобар, поправичен свет, песни што ќе ги отворат прозорците за благороден културен натпревар со другите народи во светот. Со „Бели мугри“ се отворил пат на современата македонска литература и така Кочо Рацин станал еден од основоположниците на современата македонска книжевност.

 Стихозбирката „Бели мугри“ е составена од 12 песни, во 5 циклуси напишани на велешки дијалект со примеси од западно-македонските говори, во кои доминираат социјалните и револуционерните теми. Насловот на стихозбирката е симболичен - пејзаж кој е посакуван од работниците, аргатите и сите експлоатирани луѓе. Тоа е ново утро, нов почеток, нов живот во кој сите ќе бидат еднакви.

 „Бели мугри“ била создадена под влијание на народната поезија, како и на „Зборникот“ од браќата Миладиновци. Највпечатливи мотиви во Рациновите песни се: аргатската мака („Денови“ и „Селска мака“), социјално-класната неправда („Тутуноберачите“), револуционерен повик („Копачите“), патриотски мотиви („Елегии за тебе“, „Уторото над нас“ и „Татунчо“), жал за пропаднатите занаети („На Струга дуќан да имам“) и печалбарската тага („Проштавање“).