Во понеделник промоција на стихозбирката "Шумови" од младата поетеса Благица Трајкоска

  Во понеделник, 4-ти ноември, во фоајето на кино „Фросина“ при Младинскиот Културен Центар – Скопје, со почеток од 20.00 часот ќе се одржи промоција на стихозбирката „Шумови“, првенче на младата поетеса Благица Трајкоска од Радовиш, а во издание на ПНВ Публикации од Скопје.

Станува збор за илустрирана книга поезија, а илустрациите, како и сликата на насловната корица се дело на авторката.

Во „Шумови“ содржани се четриесетина песни, поделени во четири циклуси: „Општество“, „Самопочит“, „Битки“ и „Љубов“.

Книгата во разговор со авторката ќе ја престави Јулијана Величковска.


Благица Трајкоска е родена во 2002 г. и во моментов е ученичка во 3 година при СГГУГС „Здравко Цветковски“ во Скопје.
 



генерација линкстер
  
новите генерации
не го гледаат светот.
не ја слушаат музиката.
не го читаат зборот.
не ја живеат уметноста.
но новите генерации, сепак, се
уметници несфатени,
писатели несфатени.
депресивни, суицидни.
гревови заслепени!
деца непораснати.
тинејџери, веќе легални.
новите генерации.
не се познаваат.
не се разбираат.
 
сите уникатни
потполни промашувања.
отворени умови имале тие
широки перспективи имале тие
нови генерации
заспани сте вие!
 
***
 
овој дух
не ти дава мир
те обзеде
и сега,
ткаеш црни платна
длабоко во него,
постилаш бели прекривки
околу него.
фати корења,
ја изеде почвата,
го демнеш денот,
ја вардиш ноќта.
ти
ја крадеш моќта
и негова и моја
а никогаш твоја.
 
 
 
 
сомнеж
 
 
се сомневам дека постојам
се плашам од себеси
кога не сум своја
кога сум онаа до мене
кога сум онаа спроти мене
кога сум онаа со мене
кога сум онаа што гледа
кога сум онаа што слуша
која зборува в душа
дај ми разум
го менувам за парче облека
и сласт за ум
 
 
 

 
викај потивко од твоите мисли
 
 
а кои се тие зборови
што ги слушаш
погласно од тишината
а кои се тие зборови
што зборуваат
појасно од криците
а кои се тие зборови
што ги слушаш
погласно од оние
на кои изговор
не им треба
 
 
 
да, тебе
  
нема да ти пишувам
ќе те пишувам