Во петок промоција на двојазичната стихозбирка "Зборот на непријателот" од Лука Бенаси

 Промоција на двојазичната стихозбирка „Зборот на непријателот / La parola del nemico“ од италијанскиот поет Лука Бенаси, а во издание на ПНВ Публикации, ќе се одржи во галеријата на Младинскиот Културен Центар во Скопје, в петок, од 19.00 часот.

Препевот од италијански е на Дарио Тодоровски и Катарина Величковска, а редакцијата ја извршија Наташа Сарџоска, Искра Петрушевска и Јулијана Величковска.



Стиховите на македонски ќе ги чита Ѓоко Здравески, а промотор ќе биде Владимир Мартиновски, кој меѓу другото, во својот поговор кон оваа книга со наслов „Ултразвук на една поетска деценија“, ќе рече:

„Неговата поезија е слоевита, загадочна и мошне асоцијативна. Секоја негова песна создава специфична и различна атмосфера, која е тешко да се именува. Тоа е поезија која бара мошне суптилни и внимателни читатели. Насловите би го ограничиле полето на читање и толкување на неговите песни.

Поезијата на Лука Бенаси е поезија на мигот. Тој се осмелува да го долови најнеуловливото, нејнедофатливото, односно мигот... Неговите песни и поетски слики се истовремено спонтани, но и крајно внимателно и трпеливо градени. Тој никогаш на читателот не му дава премногу, ами доволно. Извонредно тешко е да се постигне таков баланс меѓу метонимиското и метафоричното во поезијата како што тоа го прави Лука Бенаси.“

                                                  Лука Бенаси на Поетска ноќ во Велестово
 
Лука Бенаси ѝ е добро познат на македонската поетска сцена. Досега се претставил на двата најпрестижни поетски фестивали во Македонија - Струшките вечери на поезијата и Поетска ноќ во Велестово. Тој е роден во Рим во 1976 година, каде што живее и работи. Ги објавил поетските книги „На маргините на историјата“, (2000), „Сјајот на сивилото“, (2005), „Честа на правта“, 2009 и памфлетите „За мене ќе речат“ (2011) и „Плиткоста на снегот“ (2012). Заедно со поетесата Маки Старфилд ја објавил електронската книга „Duet of Lines Sen no Nijuso“ (со текстови на италијански, англиски и јапонски јазик, Јунпа изданија, 2016). Во 2018 год. беше издадена книгата „Задниот дел на небото“, избор песни на италијански и шпански јазик, преведени од Стефано Стражабоско, Емилио Коко и Џовани Дарконза.Ја превел книгата „De Weg“ од фламанскиот поет Жермен Дрогенброт (Патеката, 2002). Ја објавил и збирката критички есеи „Задавени брзаци: италијанските поети во 2000-те години“ (2010). Ја уредил антологијата „Магнификат. Поезија 1969 – 2009“ (2009), која го содржи целиот творечки опус на поетесата Кристина Анино, антологијата на критички осврти „Погледи во поезијата на Акиле Серао“ (2013) и „Домот на соколите, поезија 1974 - 2014“ (2014), којашто претставува антологија на целокупното творештво на Данте Мафија.
 
 
 
 
 
(Ултразвук 12 мај 2005)
 
 
Дождот што удира по денот
не успева
да ги избледи несогласувањата
црно-белите линии
што го означуваат конусот на ултразвукот.
Излеговме рано наутро
примајќи го благословот на водата.
 
Испружена врз креветот го чекаше трепетот на окото
зелениот пат на гласот:
не можеше да го видиш отворањето на
луцидниот екран, исполнет со црната дамка
на животот што го искривува ѕидот на радоста:
малата точка беше нашето дете.