"Помислете и на нас" - кампања на Црвен крст Охрид за помош на најсиромашните

 По повод Светскиот ден на борба против гладта, 16 октомври и Неделата на борба против гладта (16-22 октомври), под мотото `Помислете и на нас`, Црвен крст Охрид денес ја започна кампањата за помош на најсиромашните сограѓани.

Активностите се насочени кон прибирање на финансиски средства преку продажба на вредносни бонови и прибирање на доброволни прилози наменети за набавка на прехрамбени производи за подготовка на хуманитарни пакети за социјално најзагрозените семејства од Охрид и Дебрца.

Исто така, во текот на Неделата на борба против гладта од 16-22 октомври, во повеќе маркети во Охрид ќе бидат поставени видно обележени корпи во кои хуманите сограѓани ќе можат да ставаат-донираат прехрамбени производи наменети за помош на социјално загрозените семејства.

Гладта е најекстремна форма на сиромаштија каде поединецот или семејството не се во состојба да ги задоволат основните потреби за храна.  

Иако храната е основното човеково право, сепак стотици милиони луѓе ширум светот секојдневно гладуваат, а секои 3,6 секунди некој умира од глад.

Гладни и сиромашни има и во нашата земја и во нашиот град. Сето ова е причина повеќе барем повремено да помислиме и да направиме нешто за оние на кои има треба подадена рака за будење надеж дека не се сами, дека некој мисли на нив. Барем за миг да ја вратиме насмевката на нивните тажни лица.

Секој од нас, поединец или фирма, може да се вклучи и да даде придонес за најзагрозените семејства од Охрид или Дебарца.