Излезе од печат `Дневници на една љубов` од Лилјана Пандева

 Деновиве од печат излезе најновиот роман на Лилјана Пандева – „Дневници на една љубов“, во издание на ПНВ Публикации.
 

За романот, Наташа Аврамовска ќе рече: „Книга за љубовта во услови на гранична или кризна ситуација, за љубов проткаена низ днев­нички монолошки исписи – изрази на една деце­нија нестивнат љубовен копнеж, постојано одново упатуван и еднакво копнежлив во скритоста, љу­бов низ три времиња, развивана во лавиринтите на факцијата и фикцијата, на сладоста и копнежли­воста, извлечена од социјалната стварност и коле­гијалните односи во секојдневието, од грдотијата и хаосот на војната.“
 
Лилјана Пандева е родена во 1964 година во Ново Село, Струмица. Таа е дипломиран професор по литература и македонски јазик и доктор по филолошки науки.  Нејзини досега објавени дела се: дра­молетите за деца „Новогодишни едночин­ки“; расказите „Канцелариски колумни“; стихозбирката „Љубов од А до Ш и обра­тно“; романите „Од агендата на Калина Ка­лин“ и „Возовите на Луцерн“ (преведени и објавени на германски јазик), како и ро­манот „Доилката“, добитник на наградата „Стале Попов“ во 2016 г.
 

 
Понеделник, февруари, деветтата година
 
Те чекав. Те чекав сета сабота. Те чекав како што денот ја чека првата голтка кафе да го разбуди, како што пладнето распнато меѓу своето пред и по одлучува чаша црвено вино да му ја зашемети совеста, како што ноќта го чека мешањето на животните сокови на двајца вљубени. Те чекав, иако знаев дека нема да ме разбуди кафе со тебе в кревет, дека нема и таа сабота да пијам никакво вино на ручек, дека наместо мешање на нашите животни сокови ќе гледам американска глупава романтична комедија од чијшто крај ќе лијам река солзи. Те чекав и оваа сабота, како и сите други веќе шест години. Само што навистина мислев дека оваа сабота ќе биде поинаква. Таков ни беше договорот. Среќа што се напив кафе штом се разбудив, најверојатно од навика, среќа што не го отворив она шише  каберне на Бордо што чека само специјална прилика, среќа што вчера, сепак, симнав романтична комедија, за промена – француска.
Те чекам и денес. Понеделник. Те чекам да ми ја почнеш неделата со добро утро убавице, како што милуваше со години. Помина и пладнето. Јас сѐ уште те чекам. И, ете те. Без добро утро, убавице, што впрочем сега пет минути пред крајот на работното време би звучело непримерно. Без какво и да е каење за саботата и со милион оправдувања зошто те немало денес. И олеснување. Ќе те нема две седмици. Одиш на пат. Да те чекам по две саботи на исто место.
Ќе те чекам.