Црвен крст Охрид организира дефиле за промоција на толеранција, мир и соживот

 Во рамките на програмата Црвен крст во акција - Промоција на хумани вредности (ЦКА-ПХВ), Црвен крст Охрид организира ПХВ дефиле за промоција на толеранција, мир и соживот.

 Настанот под мотото „ДЕФИЛИРАЈ, НЕ СЕ ФОЛИРАЈ“ ќе се одржи на 25.09 (среда) со почеток во 11:00 часот, а ќе се тргне од плоштадот „Крушевска република“ (Чинар),  преку чаршијата и кејот се до Холандскиот парк каде ќе има кратка забавна програма со музички точки, како и доделување благодарници на годинешните младинци вклучени во ПХВ програмата.
 
Дефилето ќе  содржи транспаренти со кои се промовира хуманост, заедништво, слога, еднаквост, хармонија, љубов и меѓусебно разбирање, а волонтерите на Црвен крст Охрид ќе им помагаат на лица со попречености и посебни потреби со цел да се поткрене свеста за нивната инклузија во општеството.
 
Во рамките на програмските активности на Црвен крст Охрид, во периодот од 21-27 септември се одбележува Неделата на програмата ЦКА-ПХВ (Црвен крст во акција - Промоција на хумани вредности), по кој повод се организира дефилето.

 Приклучете се и вие во утрешниот настан значаен за промоција на хуманите вредности!