Вечерва во рамките на ЛУНУС промоција на `Крстна коска` од Наташа Сарџоска

Вечерва, во 20.00 часот, во рамки на манифестацијата ЛУНУС во „Култура 365“ на ул. „Самоилова“ во Охрид ќе се одржи првата промоција на стихозбирката „Крстна коска“ од Наташа Сарџоска, издание на ПНВ Публикации.
Оваа стихозбирка годинава се најде и во потесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци" што ја доделуваат Струшките вечери на поезијата.
 
Книгата ќе ја претстави проф. д-р Димитар Пандев.
 


За поезијата на Наташа Сарџоска рекоа:

Номадската вокација на субјектот се доживува како јазичен номадизам, а песната како песна – номад. Таа песна-номад е издржлива и отпорна на временски, просторни, расни, јазични, културни и егзистенцијални дислокации. Таа песна-номад е хибрид. Таа песна е кадмовски биполарна. Во оваа поезија гласот на субјектот е паничен, освен ако не го повторува уживањето од другото време, од минатото кое живее, па следствено и не е минато. Тука е, значи постои, во нас.
 
Катица Ќулавкова
 
 
Поезија на крвта и поезија од телото на тело. Експлоративна поезија на телото кое учи да биде тело, во пограничјата, во ограничувата, во границите, во среќавањата. Поезија којашто ги изучува телата како географски карти. Поезија што се предава пред магматската потреба да се сака и да се биде сакан, иако јазиците зборовите, намерите, гестовите се чини како намерно да биле створени за воопшто да не сакаат да се разберат.
 
Тицијано Фратус
 
 
Непреводливоста на нејзината поезија е застрашувачки ужасна и истовремено единствена и моќна. Во нејзините стихови тлее и бие нешто сирово и конечно, нешто дефинитивно дефинириано, сепак, нешто кое не може понатаму да се подобри или измени. Нешто што е совршено, автентично, вистинито.
 
Џонатан Полок
 
 
Во нејзината поезија има страст и свежина, но и отворена болка. Структури, текстури, допири. Би ја искажал повеќе универзалноста на нејзините стихови, но она што сакам да го кажам е дека поетот успеал да најде индивидуални одговори за ужасот во овој свет.
 
Ричард Бекер