Вечерва во рамките на ЛУНУС пред охридската публика ќе биде претставен романот `Годишни времиња` од Јулијана Величковска

 Вечерва, 19-ти август, од 20.30 часот, во рамки на манифестацијата „Летни уметнички ноќи на улица Самоилова – ЛУНУС“ во „Култура 365“ во Охрид, ќе биде претставен романот „Годишни времиња“ од Јулијана Величковска, издание на ПНВ Публикации од Скопје, а за книгата ќе говори Мерсиха Исмајлоска.



Романот за првпат беше објавен во ноември 2014 година, единствен со својот концепт остави силен белег на современата македонска книжевна сцена. Фрагментарен по форма, испреплетен со музика, цртежи и слично, со што придонесе и други автори  да се осмелат и да објават слични дела.

Со свои читања на романот во вид на книжевни рецензии или промотивни говори до сега се огласија: Владимир Мартиновски, Душко Крстевски, Славица Гаџова-Свидерска, Александра Јуруковска, Блаже Минески, Санде Стојчевски, Елизабета Краљевски, Мерсиха Исмајлоска, а актуелното трето издание е објавено со поговор на проф. д-р Драги Михајловски.

Дизајнот на корицата е дело на академскиот сликар Воскресија Андреевска.

Романот во 2017 година беше објавен и од страна на издавачот „Ерго“ од Софија  ̶   Бугарија, во превод на Поли Муканова, каде што со критички осврти се огласија Владимир Левчев (писател и професор на Американскиот колеџ во Благоевград, Бугарија), Иван Христов (поет) и Ива Анастасова, која со својот труд  „Балканското и космополитското во романот Годишни времиња од Јулијана Величковска“ имаше свое обраќање на Меѓународниот филолошки форум при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Софија, 2018 г.

Извадоци од романот во превод на Милена Илиќ се објавени и во Србија, а наскоро се очекува истиот да биде објавен во целост на српски јазик.
 
Во прилог извадок од дел од рецензиите што се на најдоа на корицата за третото издание од овој роман:

Роман, кој не само што може да се чита, туку може и треба да се доживее со сите сетила и со сите хистерии и терапии на детството. Роман, кој треба да се прегрне како дете и во него истовремено да се бара и детето и жената. И архетипот и трипот, фолклорот и рокенролот.
 
Душко Крстевски
 
 
„Годишни времиња“ е еден фрагментарен роман – составен од свои и туѓи приказни, стихови, песни, спомени. Започнува со спомени, се префрла на психоанализа и завршува со филозофски заклучоци. Во него се инкорпорирани и цели текстови на песни. Тоа е еден автобиографски, музички роман на текот на свеста.
 
Иван Христов (Бугарија)
 
 
 
 
„Годишни времиња“ е книга за сеќавањето како раѓање одново и мисловен премин низ сите животни етапи во тесното пространство на еден автобус. Човекот навистина се прикажува како една мала вселена со индивидуални катаклизми и решенија. Точка околу која се пластат безброј слоеви, но и во која сѐ е подредено според космичкиот модел.
 
Ива Анастасова (Бугарија)
 
 
Негде помеѓу љубовта и смртта, помеѓу присуството и отсуството мешајќи, на моменти непрепознатливи, чудни некои синоними помеѓу себе. Текстот на Величковска е како доаѓање на некој одамна заминат пријател, кој се враќа да потсети со доза носталгија на она што било, без кое она што е, не би можело да биде.
 
Мерсиха Исмајлоска