Македонската горска самовила Зарина Првасевда со свој мини-концерт ќе ја отвори 31-та Поетска ноќ во Велестово (видео)

 Вечерва во 21 часот, во с. Велестово, на сретсело, на чешма, ќе биде отворена 31-та Поетска ноќ во Велестово, посветена на поетот Иван Џепароски, а потоа ќе биде отворена и изложбата на академскиот сликар Воскресија Андреевска.

 Манифестацијата ќе започне со кус музички концерт на вокалистката Зарина Првасевда, со специјална придружба од Александар Петров на тапан.

Девојката што настапува под уметничкото име Зарина Првасевда, лик познат од една охридска староградска песна, го избира ова име како симбол на македонската традиција што оваа млада девојка ревносно ја шири и ја одржува.



Неодамна, таа започна и еден нов проект, во кој покрај фолклорот, преку својата планинарска пасија, ги претставува и природните богатства на Македонија, притоа создавајќи една фузија од природата и песната инспирирана токму од овие убавини на кои, преку планинарењето како спорт, им се насладува.
 
  Во моментов, таа го подготвува својот прв албум со мултикултурна содржина, одраз на нејзината длабока верба во универзалноста на музиката како јазик во најчистата форма.



 Александар Петров, пак, е перкусионист и композитор, а инструментот со кој претпочита да свири е традиционалниот македонски тапан. Тој џезот го  открива за време на своите студии за класични перкусии во Париз. Па така, по логичен след на нештата, решава да го вклучи тапанот во овие нови џез контексти. Преку богатиот свет на џезот, Александар продолжува да ја збогатува својата лична и специфична игра со овој инструмент.



За овој креативен музичар, кој компонира и свири иновативна и интересна музика, мешањето на македонската традиционална музика со другите музички жанрови претставува најголема животна возбуда.
 
 
 Ве очекуваме вечерва во Велестово, да се насладуваме на убавиот поглед и уште поубавата уметничка програма што годинешното 31-во издание на Поетска ноќ во Велестово ни ја нуди!