Интервју: Воскресија Андреевска

 Во пресрет на нејзиното вечерашно претставување во рамките на "Поетска ноќ во Велестово", украдовме дел од времето да размениме неколку збора со младата Воскресија Андреевска, која се занимава со дизајн и сликарство. 


ОМ. Неодамна бевте дел од групна изложба во Њујорк, а сега имате самостојна изложба во Велестово. Како Ви изгледа овој контраст?
 
Секогаш задоволството е поголемо кога лично си присутен на сопствените изложби. За жал, не можев да присувствувам на групната изложба во Њујорк и не би можела да говорам во моментов за контрастот помеѓу тој свет на уметноста и нашиот, но можам да кажам дека  секако возбудата е поголема за секоја изложба надвор од нашиве граници бидејќи култот кон уметноста е најчесто на ниво многу повисоко од нашето.
 
ОМ. Што е во фокусот на Вашето ликовно творештво?
 
Секојдневието, лицата што ги среќавам, импулсот што ме движи, емоцијата, мислите, понекогаш и соништата. Животот во секоја смисла на зборот. Сѐ што ме прави жива, што ми ја разгорува душата.
 
 

 ОМ. Прочитавме дека се занимавате и со дизајн, поле во кое сте добитник и на неколку награди. Што Ве привлекува повеќе, дизајнот или сликарството?
 
Графичкот дизајн и сликарството без сомнение се моја огромна љубов и пасија. Дизајнот е медиум што често ме остава во статична позиција, со часови пред екранот, заборавајќи на случувањата околу мене, и тој не секогаш зависи од твојот креативен порив, сепак, знае естетски да го привлече човековото око и да пренесе конкретна порака на едноставен начин. Додека пак, сликарството, освен што го заведува човековото око, најчесто ги заведува и освојува човековите емоции. Сликарството за мене е безусловно предавање на листот хартија, соголување на сопствената душа пред светот. Така што одговорот на Вашето прашање е: и двете.
 
 
ОМ. Немаме многу увид во младата македонска ликовна сцена. Кажете ни нешто за тоа бидејќи Вие припаѓате на најмладата генерација ликовни уметници. На пример, црпи ли нешто новата генерација творци од традицијата, од вашите претходници, или заради глобализацијата целосно сте свртени кон некој, ајде да го наречеме, универзален израз?
 
За мене ова е многу емотивно прашање бидејќи секојдневно се справувам со дилеми во врска со современата уметност и што е дефиницијата за неа денес. Јас не сум лик кој се води по традиција, меѓутоа традиционалните техники ми се по прифатливи, пооргански и поопипливи од новите форми на творење. Не велам дека не треба човек да експериментира за да го пронајде својот правец и личен израз, но велам дека делата за мене треба да говорат многу повеќе од листовите хартија со објаснување за истите.
 


 
ОМ. И за крај, во Велестово свои изложби низ годиниве имале едни од најголемите современи македонски уметници и скулптори, на пример: Чемерски, Вангел Наумоски, Митриќески, Масин, Коле Манев, Газанфер Бајрам, Сергеј Андреевски, Родољуб Анастасов, Владимир Георгиевски, Александар Станковски итн. Ви годи ли да сте во ова друштво?
 
Секако дека ми годи. Драго ми е што од годинава и моето име ќе биде додадено во оваа листа на творци и се надевам дека со изложбава достоинствено ќе го заслужам моето место меѓу овие великани.